Најголемиот инвестициски фонд во светот изгуби 124 милијарди долари поради коронавирусот

од Stefanija Kuzmanovska

Норвешкиот државен фонд за инвестиции, најголемиот инвестициски фонд во светот, изгуби дури 124 милијарди американски долари од почетокот на годината поради потресите на светските берзи заради пандемијата на коронавирусот.

Тековната вредност на норвешкиот фонд е 930 милијарди долари, а на крајот на февруари годинава, пред потресот на пазарот на капитал, фондот вредеше околу 1,170 милијарди долари, пренесува Ројтерс.

Агенцијата потсетува дека норвешкиот фонд има огромно влијание врз светскиот пазар на капитал бидејќи поседува 1,5 проценти од вредноста на сите акции кои се наведени на берзата.

Се проценува дека фондот ослабнал 16,2 проценти од почетокот на годинава, скоро бришејќи ја заработката за 2019 година, што бeше многу успешна за фондот, бидејќи забележа рекордни профити.

Норвешкиот државен фонд ја користи заработката од нафтената индустрија во земјата, која ја инвестира во странски акции, обврзници и недвижнини.

Во исто време со објавувањето на загубата, Фондот објави дека со него ќе раководи новиот претседател на септември, Николај Танген, кој ќе го наследи Ингве Слунштад по 12 години.

Танген рече дека тоа е „реализација на неговите соништа“, но и дека се чувствува како „Оле Гунар Солскјер во Манчестер Јунајтед“, споредувајќи се себеси со тренерот на англискиот фудбалски гигант, кој е во надолна линија од заминувањето на славниот менаџер Алекс Фергусон.

Слични содржини