Ако мислите дека можете да препознаете лажго по тоа дека гледа настрана и зборува неодлучно, грешите. Американските научници открија дека најголемите лажговци гледаат право во очи и се многу сигурни, објави “Дејли телеграф”.
Освен тоа лажговците често гестикулираат, прават гримаси и користат повеќе извици како ух-о и м-м-м, тврдат научниците од Универзитетот во Мичиген.
Научниците имаат развиено софтвер за препознавање на лаги врз основа на видеа од 120 судски процеси во САД. Тој може да утврди кога некој лаже 75 проценти од времето. Луѓето можат да препознаат лажго, кој мами 50 проценти од времето.
Досега психолозите мислеа дека лажговците одговараат на прашања неодлучно и претпочитаат да избегнуваат контакт со очи.
Новото истражување носи поголема прецизност, бидејќи претходните се базираат само на лабораториски експерименти.
Американските научници се надеваат дека ќе го направат тестот уште попрецизен, со тоа што додаваат во него физиолошки показатели како пулс, фреквенција на дишење, флуктуации на температурата, кои можат да бидат регистрирани од далечина. Познато е дека кога лажат луѓето се потат повеќе, дишењето и пулсот им се забрзуваат.