Најголемото европско жариште со корона: Заразените лекари мора да работат во земјата со најмногу заболени

од Nikola Popovski

Белгија во моментов е најтешко погодена земја со коронавирусот во Европа со најголем број на инфекции на 100.000 жители, покажуваат податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести

Во последните две недели, Белгија пријавила 1.390,9 нови инфекции со коронавирус на 100 000 жители.

Чешка, која досега беше лидер во Европа, во моментов пријавува 1.379,8 случаи на 100.000 жители. Во моментов, Луксембург е на третото место со 760 случаи на 100.000 жители, по што следуваат Словенија (732) и Холандија (694).

Лекарите заразени со корона мора да работат

Од докторите заразени со вирусот во белгискиот град Лиеж е побарано да продолжат да работат поради големиот број заразени и хоспитализирани, како и недостигот на медицински персонал.

Една четвртина од медицинскиот персонал во Лиеж е заразен со Ковид- 19.

На десет болници им бил потребен персонал, кој добил позитивен тест за коронавирус и немал никакви симптоми, да продолжат со работа.

Претседателот на Здружението на медицински синдикати на Белгија, Филип Девос, изјавил за Би-Би-Си дека тоа е нивниот единствен избор со цел да се спречи колапсот на болничкиот систем во наредните денови. Тој призна лдека постои очигледен ризик од пренесување на вирусот на пациентите.

Во Лиеж, секоја трета личност е позитивна на вирусот. Болниците ги преместуваат пациентите во други градови и ги откажуваат неитните операции.

Претходно, министерот за здравство Френк Ванденбрук предупреди дека Белгија се приближува до „цунами од инфекции во кое властите веќе немаат контрола врз она што се случува“.

Во Белгија, од почетокот на епидемијата се регистрирани 333.718 случаи на инфекција со коронавирус, а 10.899 лица починале од коронавирус.

Слични содржини