Најк започнува со продажба на дигитални патики (ВИДЕО)

од Nikola Popovski

Компанијата за спортска опрема „Најк“ објави дека го купила производителот на виртуелни патики „RTFKT“ со цел да го прошири своето влијание во брзорастечкиот „метаверзум“.

Минатиот месец, „Најк“ стана еден од првите големи брендови што влезе во виртуелниот свет. Тие лансираа „Најкленд“, бесплатен 3D простор во рамките на платформата за игри „Роблокс“.

„RTFKT“ прави „NFT“ токени, кои се „незаменливи“ токени, криптографски заштитени дигитални средства или еден вид криптовалута. Тие дозволуваат да се продаваат разни уникатни предмети, феномени, уметнички дела или слично преку механизмот за дигитална трговија.

Оваа компанија е основана во 2020 година. Специјализирана е за дигитална мода и патики, а се уште не се знае за колку пари е купена од „Најк“.

-Оваа аквизиција е уште еден чекор што ја забрзува дигиталната трансформација на Најк и ни овозможува да им служиме на спортистите и креаторите каде спортот, креативноста, игрите и културата се вкрстуваат, рече Џон Донахо, претседател и извршен директор на Најк.

Тој додаде дека компанијата презема многу талентиран тим на креатори со автентичен бренд.

-Нашиот план е да инвестираме во брендот RTFKT, да им служиме и да ја развиваме нивната иновативна и креативна заедница и да ги прошириме дигиталниот отпечаток и можностите на Најк, потенцира Донахо.

 

Слични содржини