Најмалку 11 лица загинаа во картелски конфликт во Мексико, 15 напаѓачи пукаа во хотел

од Stefanija Kuzmanovska

Повеќе од десетина вооружени напаѓачи пукале во хотел во мексиканскиот град Селаја, убивајќи најмалку 11 лица, соопштија официјални лица и локални медиуми. Се сомнева дека напаѓачите се поврзани со нарко картели во Мексико.

„Ројтерс“ јавува дека седум жени и тројца мажи биле убиени на самото место, се вели во соопштението на градските власти во мексиканскиот регион Гуанахуато. Нападот се случил во областа Вале Хермосо. Портпаролот на државната влада изјави дека две лица се повредени.

Пукале и фрлале молотови коктели

Во нападот учествувале околу 15 вооружени лица, пишува мексиканскиот весник „Ел Универзал“. Напаѓачите пукале и фрлале молотови коктели, пишува весникот. Мексиканската национална гарда, Министерството за одбрана и државните безбедносни сили на Гуанахуато трагаат по вооружените мажи, соопштија безбедносните власти.

Веќе неколку години во градот Селаја има зголемено насилство, поврзано со картелот Санта Роса де Лима. Тоа е картел кој е во војна со картелот Халиско. Санта Роса главно се занимава со дрога, изнуда и кражба на гориво, а поранешниот водач на картелот Хозе Јепез на почетокот на 2022 година беше осуден на 60 години затвор, пишува Би-Би-Си.

Владините податоци покажуваат дека во регионот Гуанахуато се случиле 993 убиства во првите четири месеци од оваа година.

Слични содржини