Најмалку 32 пациенти од болницата Ал Шифа во Газа, меѓу кои и три предвремено родени бебиња, починале во изминатите три дена, изјави денеска портпаролот на палестинското министерство за здравство, Ашраф Ал Кидра.
Сите медицински услуги во болничкиот комплекс Ал Шифа, најголемиот во палестинската енклава, беа запрени во саботата, откако имаше целосен недостиг на гориво потребно за генераторите за струја, пренесува „Ројтерс“.
Претходно денеска директорот на болницата Ал-Шифа, Мохамед Абу Салми, изјави дека лекарите во таа болница ги завиткуваат предвремено родените бебиња во фолија и ги ставаат во близина на топла вода, во очајнички обид да ги одржат во живот.
Абу Салмија за телевизијата Ал Арабија изјави дека бебињата биле извадени од инкубаторот бидејќи не работеле, откако залихите на кислород и гориво се потрошиле и дека биле завиткани во фолија за да се загреат, пренесува „Танјуг“.
Вработените во болницата Ал-Шифа се борат да ги одржат во живот новороденчињата, откако залихите на кислород се потрошија, а бебињата беа преместени од инкубаторите во неонаталната единица во друг дел од болницата.
На фотографиите се гледа како неколку новородени бебиња се извадени од инкубатор и ставени во еден кревет.
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека болницата Ал-Шифа „веќе не функционира како болница“ и дека бројот на смртни случаи во болницата „значително се зголемил“.
Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека „постојаното пукање и гранатирање“ во областа околу болницата „ја влоши веќе критичната ситуација“.
Тој на мрежата Х напиша дека СЗО успеала да стапи во контакт со здравствените работници во болницата Ал-Шифа, а ситуацијата во таа болница ја опиша како „страшна и опасна“.
Шефот на хирургијата во болницата Ал-Шифа, Марван Абу Саада, за Би-Би-Си изјави дека третото предвремено родено бебе починало поради недостиг на струја.