За четири години во периодот од 2009 до 2012 година македонските компании реализирале извоз од 10.798.866 илјади евра, додека увозот во овој период, според објавените статистички податоци изнесува 17.650.543 илјади евра.
Објавените податоци покажуваат дека во 2009 година извезувале 3.159 претпријатија, во 2010 година 3.263, во 2011 година 3.376 и во 2012 година тој број изнесувал 3.334. Како увозни претпријатија се јавуваат во 2009 година 9.467, во 2010 година 9.723, во 2011 година 9.611 и во 2012 година 9.284 претпријатија.
Најголемо учество на страната на извозот имаат мирко претпријатијата кои создаваат 41 отсто од вредноста во секторот трговија.
Големите претпријатија со над 250 вработени покрај нивното незначително учество во структурата на размената според бројот на претпријатија во создавањето на вредноста учествуваат со 59,5 проценти. Ова се должи на секторот индустрија кој во вкупната структура учествува со 69,6 проценти.
Најголемо учество од 59,2 отсто во создавањето на вредноста на стоковната размена на страната на увозот е резултат на големите претпријатија од секторот индустрија кои во структурата според бројот на претпријатија имаат најмало учество од 3,1 отсто.
Значително учество во вредноста на стоковната размена од 56,2 отсто е концетрирано кај првите 20 претпријатија на страната на извозот, а на страната на увозот тој процент е реализиран во првите 100 претпријатија.
Најмногу од претпријатијата извезуваат на пазарите во ЕУ со учество од 64,5 отсто. Најголемо учество има индустријата. Пазарот на земјите од Западен Балкан во структурата на размената според бројот на претпријатијата изнесува 57,1 отсто. Најмногу учествува трговијата.
Во вредноста на извозот 32,4 проценти е реализирано од претпријатија кои имаат од 6 до 9 партнер земји, а кај увозот 48 отсто од вредноста е од претпријатијата кои имаат 20 или повеќе партнер земји.
Производите на преработувачката индустрија имаат најголемо учество и во извозот и во увозот.
Претпријатијата од скопскиот регион имаат остварено најголем увоз и извоз. Во извозот учествуваат со 49,3 проценти, а во увозот 68,5 проценти. Најмало учество имаат фирмите од југозападниот регион./МИА
