Најнова анализа: Пандемијата со корона потекнува од продавач на пазарот во Вухан

од Nikola Popovski
317 прегледи

Д-р Мајкл Вороби од Универзитетот во Аризона, кој ги проучувал извештаите за првите случаи на Ковид-19, во четвртокот објави труд во кој се наведува дека Светската здравствена организација најверојатно згрешила во раната хронологија на пандемијата на коронавирус и дека првиот пациент што се заразил со вирусот бил продавач на пазарот Хуанан во Вухан каде се продавале живи диви животни, а не сметководител кој живеел со километри подалеку од ова место.

Извештајот, објавен во престижното списание „Science“ во четвртокот, сигурно нема да ја реши дилемата за тоа дали пандемијата започна со ширење на вирусот од диви животни на луѓето на пазарот во Вухан, истекување од лабораторија или на некој друг начин, пишува Њујорк Тајмс.

Во објавениот текст, д-р Ворби тврди дека поврзаноста на заразениот продавач од пазарот во Вухан, како и најновите анализи на хоспитализирани пациенти поврзани со овој пазар, јасно укажуваат дека пандемијата започнала токму на тоа место.

„Во град со 11 милиони жители, половина од раните случаи на инфекција се поврзани со место колку големина на фудбалски терен. Многу е тешко да се објасни моделот на ширење на епидемијата доколку она не започнала на пазарот“, рече Ворби.

Неколку експерти, вклучително и еден истражувач од Светската здравствена организација, рекоа дека работата на д-р Ворби била добра и дека првиот познат случај на инфекција со коронавирус најверојатно бил продавач на морска храна на пазарот. Некои од нив, пак, рекоа дека сè уште нема доволно докази врз основа на кои може да се утврди како всушност започнала пандемијата.

Тие сугерираа дека вирусот веројатно прво заразил нулта пациент, непосредно пред случајот на продавачот, а потоа достигнал критична маса и почнал да се шири на пазарот. Анализите на промените во геномот на вирусот, вклучително и оние направени од д-р Ворби, покажуваат дека првата инфекција се случила во средината на ноември 2019 година, неколку недели пред да се разболи продавачот.

Слични содржини