Метрополите се веќе видени места, па затоа ако бирате место во кое би поминале романтичен одмор ви предлагаме неоткриени места во Германија, Италија, Шпанија и Франција, кои сè уште го носат епитетот “романтични“. Искористете ја секоја можност да заминете во некои нови и неоткриени предели, кои се мирни и без голема туристичка врева. Уживајте во нивните мали тесни калдрмисани улички и мирисот од локалните кафулиња.
Ротенбург на Таубер
Ова средновековно градче во германската покраина Баварија, е најпознатото историско место. Секоја негова фотографија е како разгледница благодарение на необичната и автентична архитектура, малите слатки куќички во интензивни бои во готски, ренесансен и барок стил. Тоа ги привлече сценографите на филмовите „Пинокио“, „Чарли и фабриката на чоколади“, за кои многу кадри се снимени овде. Ротенбург на Таубер го има називот „најромантичен град во Германија“. Бројните градски капии и кули се сочувани од забот на времето, а градот и понатаму е опкружен со ѕидините од Црвената тврдина. Тесните улички беспрекорно се уредени и украсени со цвеќе и фонтани. Градчето се гордее и со многу музеи, а најинтересен е оној посветен на Божиќ. Посебно доживување се ноќните прошетки, во друштво на туристички водич облечен во црна пелерина и со фенер во рака.
Пијенца
Тоскана без сомнение е убава во секое годишно време. Крие прекрасни предели и градчиња расфрлени по ридовите меѓу маслинови насади и лозја. Еден од нив е Пијенца во Вал Д’Орка, именуван по папата Пиј втори кој е тука роден. Кога во 1458 година бил избран за поглавар на Ватикан, сакал своето непознато село да го претвори во урбанистички уреден град, па го најмил архитектот Бернард Роселини. Најстари “жители“ на градчето се катедралата и палатите Борџија, Пиколомини и Комунале. Благодарение на сочуваната архитектура, Пијенца денес е под заштита на Унеско. Го нарекуваат Град на романтиката, бидејќи се наоѓа на „љубовната рута“, а две улици носат имиња „Улица на љубовта“ и „Улица на бакнежите“. Септември е резервиран за прочуениот фестивал на кашкавалот, бидејќи Пијенца го нарекуваат престолнина на пекорино кашкавалот.
Толедо
Ова живописно шпанско градче се наоѓа на 70 км јужно од Мадрид. Многумина за него чуле благодрение на филмот „Вики, Кристина, Барселона“, но и понатаму не е многу актуелно туристичко место. Сочуваното културно наследство кое го оставиле многу народи го ставило градчето на листата светски наследства на Унеско. Шпанците од Маварите и Евреите презеле дел од традицијата, па Толедо е наречен град на три култури. Благодарение на Маварите кои саделе бадеми и правеле марципан, градот и ден денес е познат по овој десерт. Свртен е кон реката Тахо, опкрижен со ѕидините на средновековната тврдина Алказар, со многубројни кули и капии. Внатре се сочувани и куќи во маварски стил, еврејски синагоги, палати, готски цркви и манастри, а се гордее и со втората по големина катедрала во Шпанија.
Русилион
Карактеристичната окер боја на карпите во околината му дава посебен шарм на ова селце во прекрасната Прованса, а со векови и работа на неговите станари, бидејќи се ископува руда која се користи во индустријата и производство на боја. Денес ова село е најпосетено во областа Луберон и се смета за најубаво. Овде нема вистински туристички атракции, но затоа лесно ќе се изгубите во лавиринтот на тесни улички, мали и слатки плоштадчиња фотографирајќи детали, фасади во интензивни бои и мачки кои дремат под сенка. Напијте се кафе во малото кафуле, уживајќи како вистински локален граѓанин, а потоа одете во продавничката и купете сувенир. Не треба да ја пропуштите ни посетата на живописните рударски окна каде се прелеваат боите од портокалова, преку црвена до темно црвена во контраст со околното зеленило и ведро небо.