Најсиромашната европска земја од 1. јануари ќе остане без струја и парно!

од Nikola Popovski
166 прегледи

Рускиот енергетски гигант Газпром во саботата објави дека ќе го прекине извозот на гас во Молдавија од 1 јануари 2025 година, откако земјата не го исплатила својот долг. Од компанијата соопштија дека имаат право да го раскинат договорот за набавка со Молдавија.

Овој потег доаѓа во пресрет на целосното суспендирање на извозот на руски гас преку Украина во Европа, каде што тече кон Словачка, Австрија, Унгарија и Италија, по истекот на постојниот транзитен договор со Украина на 31 декември. Најпогодена од таа суспензија ќе биде Молдавија.

Молдавскиот премиер Дорин Речеан ја осуди одлуката на Русија, велејќи дека жителите ќе останат без струја и греење.

Во објава на Фејсбук, тој ја обвини Русија дека ја користи енергијата како оружје и најави дека Молдавија ќе ги разгледа правните лекови, вклучително и меѓународната арбитража.

Русија, која е критична кон прозападната влада во Кишињев, бара Молдавија да го плати долгот за минати испораки, кој според руските пресметки изнесува 709 милиони долари, а Молдавија тврди дека должи само 8,6 милиони.

Русија ја снабдува Молдавија со околу две милијарди кубни метри гас годишно преку Украина. Гасот се доставува до отцепениот регион Придњестровје, кој го користи гасот за производство на евтина енергија што ја продава на остатокот од Молдавија.

Два и пол милиони Молдавци се подготвуваат за долги прекини на електричната енергија откако Киев соопшти дека нема да го продолжи транзитниот договор со Гаспром.

Молдавија се смета за најсиромашна европска земја според економските показатели како БДП по глава на жител.

Слични содржини