Српското министерство за здравство соопшти дека денеска во нивната земја пристигна првиот контингент на лекот против коронавирус Паксловид.
Србија е првата земја во континентална Европа која го доби овој лек (во Европа е испорачан уште во Велика Британија), десет дена откако ЕМА одобри употреба и продажба на овој лек, се вели во соопштението на Министерството.
Комисијата на Министерството за здравство, со која претседава професор д-р Горан Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни болести, направил дистрибутивна листа врз основа на која лекот ќе се дистрибуира меѓу здравствените установи.
Паксловид е антивирусен лек кој содржи две компоненти ритонавир и нирматрелвир и е наменет за орална употреба. Индициран е за третман на инфекција со Ковид-19, кај возрасни на кои не им е потребен дополнителен кислород и кои имаат зголемен ризик од прогресија во тешка форма на болеста. Се препорачува да се започне со употреба на лекот во првите пет дена по почетокот на симптомите.
Србија на крајот на минатата година беше меѓу првите, заедно со Соединетите Американски Држави и Велика Британија, што потпиша договор со претставници на компанијата „Фајзер“ за набавка на најдобриот лек против коронавирус, кој го намалува ризикот од хоспитализација и тешки болести и до 89 проценти.