Најстариот активен американски астронаут, Дон Петит, се врати на Земјата од Меѓународната вселенска станица (МВС) на својот 70-ти роденден, објавија денеска американските медиуми. Вселенската капсула „Сојуз МС-26“, која ги превезуваше Петит и неговите руски колеги Алексеј Овчинин и Иван Вагнер, слета со падобран во степата на Казахстан денеска во 6:20 часот по локално време (1:20 часот по Гринич), јавува „Би-Би-Си“.
Астронаутите поминале 220 дена на МВС и за тоа време орбитирале околу Земјата 3.520 пати, објави Американската вселенска агенција НАСА, наведувајќи дека за Петит, кој досега има поминато вкупно 590 дена во вселената, ова е неговата четврта мисија. Сепак, тој не е најстариот човек што полетал во вселената, бидејќи тој рекорд го држи Џон Глен, кој учествуваше во мисијата на НАСА во 1998 година на 77-годишна возраст.
Глен почина во 2016 година. Петит, кој е роден во Орегон на 20 април 1955 година, ќе биде пренесен во Хјустон, Тексас, додека Овчинин и Вагнер ќе бидат одведени во главната руска база за обука на космонаути во Ѕвездениот Град (Звјоздни Городок) во близина на Москва. Пред да ја напуштат МВС, екипажот му ја предаде командата на леталото на јапонскиот астронаут Такуја Ониши.