Аналитичари: Ако нема некоја скриена цел, тогаш нема потреба да се прави ребаланс на буџетот толку рано

од Vladimir Zorba
1,3K прегледи

Локалните избори го поместија ребалансот на буџетот кој ќе биде донесен до крајот на јуни. Се поставува прашањето зошто толку се брза за да се донесе пред изборите, бидејќи праксата покажала дека изминатите години буџетот се носел во втората половина од годината. Според експертите одговорот лежи во политичкиот маркетинг. Тие сметаат дека власта го прави ребалансот со цел да го искористи буџетот во свој интерес, а не во интерес на граѓаните.

Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини вели дека власта има некоја скриена цел што сака да ја постигне со ребалансот, а која е во интерес на изборите.

Џевдет Хајредини

Џевдет Хајредини

-Ако нема некоја скриена цел тогаш нема потреба да се прави ребаланс толку рано. Треба министерката за финансии да биде потранспарентна и да каже која е намерата со буџетот, односно што сака да постигне. Треба да каже што ќе ребалансира, односно кој ставки ќе се зголемат, кои ќе се намалат, а кои ќе се укинат. Обично секогаш кога се прави ребаланс на буџетот се намалуваат јавните инвестиции. Бидејќи сега ребалансот се прави пред избори се оди на тоа да се намалат јавните инвестиции за сметка на субвенциите и социјалните трансфери кои се во улога на изборите, изјави за „Локално„ Хајредини.

Тој смета дека само најавата дека ќе има ребаланс на крајот на јуни не е доволна да се коментира неговата оправданост.

-Мислам дека министерката за финансии треба да образложи што ќе прави со ребалансот. Не е доволно само да се каже дека ќе има ребаланс, туку да се образложи која е целта на ребалансот и што ќе се постигне со него. Поради тоа, сметам дека ребалансот е предизборен маркетинг и е во функција на интересите на власта, појаснува Хајредини.

Универзитетскиот професор Ванчо Узунов смета дека ребалансот на буџетот е стандардна процедура, само што годинава е малку прерано.

Ванчо Узунов

Ванчо Узунов

-Не верувам дека ќе се образложи каде ќе се крати, а каде ќе се додаваат средства, бидејќи целта е само да се протне. Власта се уште нема направено анализа за приходите во буџетот, бидејќи сака да пројде незабележително. Ова е доказ дека и оваа влада ги гледа работите во свој интерес, а не во интерес на граѓаните, изјави за „Локално“, Узунов.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека се уште не е направена анализа, но ќе се направи по што ќе се излезе со предлог пред пратениците.

– Логично е да има прераспределба на средства во месецот што следи поради импликацијата врз буџетските средства како резултат на проектите што ги поднесоа општините на вториот повик, зашто се работи за вкупно 16 милијарди денари. Логично е најмалку еднаш во годината да има ребаланс. Лани тоа беше при крајот на јули, но годинава тоа ќе биде проблем зашто ќе се распишат локалните избори и затоа ќе биде најверојатно на крајот на јуни, изјави Мицкоски.

Б.С.

Слични содржини