Се знаеше дека десеттиот самит на Г-20, кој ќе се одржи овој викенд во Аргентина, ќе биде обележан со тензиите околу трговските прашања и климатските проблеми, но до неодамна не се претпоставуваше дека дополнително ќе ескалира конфликтот помеѓу Русија и Украина.
Лидерите на дваесетте најголеми светски сили, 19 земји плус ЕУ, кои сочинуваат 85 отсто од глобалниот БДП, ќе се сретнат денеска и утре во Буенос Аирес.
Поради тоа, на терен ќе излезат околу 22.000 аргентински полицајци, околу една година по насилните протести во Хамбург по повод одржувањето на истиот собир..
– Темата која самошто се појави, се нарекува Азовско Море, изјави Франсоа Хајсбург, советник на Фондацијата за стратегиски истражувања од Париз.
На рускиот упад на три украински брод во Керченскиот Теснец, Украина, која не е членка на Г-20, одговори со воведување вонредна состојба.
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот се закани дека поради инцидентот ќе ја откаже долгоочекуваната билатерална средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Трамп рече дека од своите советници за национална безбедност очекува извештај за ситуацијата во Украина. Нивните заклучоци ќе бидат „одлучувачки фактор” за евентуелното откажување на средбата со Путин.
Рускиот претседател во Буенос Аирес ќе се сретне и со европските лидери, кои нема да се двоумат да ги осудат руските чекори.
Одговор на Кина на заканите од Трамп
Кога е во прашање трговија, Хајсбург го интересира дали „Кина ќе се исправи” против Трамп, кој во последните денови на оваа тема имаше контрадикторни изјави.
Претседателот на САД во главниот град на Аргентина ќе се сретне со кинескиот лидер Си Џинпинг, што, ако се одржи средбата со Путин, треба да биде уште еден голем „дуел” на Самитот.
Ескалацијата на одмазднички царински потези меѓу Пекинг и Вашингтон веќе ја тресе светската економија, а Трамп во понеделникот ја повтори својата закана дека ќе се оданочуваат сите кинески производи увезени во САД.
Во вторникот, пак, зборуваше за „одлична можност” за постигнување договор со Пекинг под одредени услови.
Неодамнешниот самит на Азиско-тихоокеанска економска соработка, по жестоките расправии на американски и кинески претставници, заврши во ќор-сокак, без заедничка изјава
Завршната изјава во Буенос Аирес ќе се обиде да поттикне „рационална и позитивна” визија за трговија, предвидува аргентинскиот министер за надворешни работи Жорже Фури.
Светот е далеку од единството прогласено на 15 ноември 2008 година, по првиот Г-20 самит, што се одржа во Вашингтон. Тогаш во изјавата беше славен „мултилатерализмот”, кој ќе донесе „благосостојба” на светот потресен од финансиската криза.
Десет години подоцна, мултилатерализмот е разнишан од политиката на Трамп „Америка на прво место”, од победите на популистичките лидери на изборите ширум целиот свет и Брегзит.
Клима
За ниту една добра намери, без оглед на тоа колку е општа, повеќе не се постигнува консензус.
Тоа се однесува и на ветената борба против глобалното затоплување, што Франција, како организатор на Парискиот климатски договор, планира да го брани во Буенос Аирес, само неколку дена пред отворањето на 24. Конференција на ОН за климатските промени, која на 2 декември ќе се одржи во Полска.
Францускииот претседател Емануел Макрон сигурно нема да успее да го придобие Доналд Трамп, кој излезе од Парискиот договор и кој секојдневно ја отфрла идејата дека човекот влијание врз климатските промени. Во понеделникот, тој дури ги игнорираше проекциите од истражувањето направено по барање на американскиот Конгрес, кои покажуваат дека климатските промени ќе ја чинат милијарди долари американската економија.- Не верувам, ладно одговори Трамп.
Повторната средба меѓу Макрон и Трамп би требало да биде интересна поради неодамнешните објави на американскиот претседател на Твитер, во кои се подбиваше со ниската популарност на францускиот претседател во анкетите.
Нафта
Друга деликатна тема ќе биде нафтата. Саудиска Арабија и Русија, енергетски гиганти, би можеле да бидат доведени во искушение да го намалат своето производство за да го запрат падот на цената на нафтата.
Саудискиот принцот Мохамед бин Салман, повратник на меѓународната сцена по убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, со таа одлука би можел да го разлути Трамп, голем заговорник на евтина нафта.
Двајцата лидери нема да имаат официјална средба, но придружбата на Трамп не исклучува „неформален состанок”.
Покрај сите овие тензии, Самитот, сепак, би требало да има и едно симболично помирување – 36 години по Фолкландската војна во 1982 година, Тереза Меј ќе стане првиот британски лидер што ќе ја посети Аргентина.