Најтешкиот момент во 2025 беше трагедијата во Кочани и таа како сенка ќе нè следи цел живот, рече Сиљановска во новогодишната порака

Сиљановска Давкова со новогодишна желба: Сакаме да се вдомиме во Европската Унија

од Nikola Popovski
23 прегледи

„Годинава што си оди ќе ја помниме по драматичните промени на меѓународниот поредок, незамисливите војни со огромни човечки жртви, забрзаната милитаризација, растечката климатска, еколошка и енергетска криза, маргинализираните меѓународни институции и суспендираното меѓународно право. Нашата надворешна и безбедносна политика беше европска надворешна и безбедносна политика, и во неа се промовиравме како видлив и почитуван актер“, вели претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова во своето новогодишно обраќање.

Претседателката истакнува дека како држава, во евроинтеграциските процеси се фокусиравме на исполнување на Копенхашките критериуми.

Потсетува дека за сите најтешкиот момент во 2025-та година беше трагедијата во Кочани и таа како сенка ќе нè следи цел живот.

-Останува обврската да не ги заборавиме нивните најблиски, но и повредените, а најмногу – правдата! Нивната немерлива жртва мора да направи подобри луѓе од сите нас, но и политички и правен систем којшто нема да дозволи нови невини жртви!

Посакувам Новата година да биде време на исчекор кон траен светски мир, потпрен на меѓународното право и на меѓународните институции, сакам ние да се вдомиме во Европската Унија, решени да живееме во амбиент на владеење на правото, демократија, економски просперитет и здрава животна средина!

Лично, секому од вас, му посакувам Нова година каква што најмногу сака, вели Сиљановска Давкова во новогодишната честитка.