Највисоката нација се намалува: Дали нездравите навики во исхраната влијаат врз растот?

од Vladimir Zorba

ХОЛАНДИЈА е највисоката нација во светот, но генерацијата родена 2001 година е пониска од генерацијата од 1980 година, објави локалната статистичка служба.

Деветнаесетгодишни Холанѓани во просек се високи 182,9 сантиметри, а Холанѓанките 169,3 сантиметри.

Ова значи дека мажите се за сантиметар, а жените за 1,4 сантиметри пониски од генерацијата родени во 1980 година.

Фактори како што се имиграцијата и исхраната веројатно се одговорни за менување на трендот, по еден и пол век континуиран раст на нацијата.

„Во текот на минатиот век, станувавме се повисоки и повисоки, но од 1980 година тој раст престана“, се вели во соопштението на статистичката служба.
Но, не е се изгубено. Холанѓаните се уште се највисоки. Зад нив се Црногорците, Естонците и Босанците.

Холанѓанките се први, пред Црногорките, Данките и Исланѓанките.

Ова го потврдува премиерот Марк Руте, кој со 193 сантиметри често се истакнува на состаноците на Европскиот совет.

Но, зошто висината на Холанѓаните опаѓа, не е целосно јасно. Една причина е секако имиграцијата, „особено луѓето со незападно потекло“, бидејќи тие се пониски од просекот, се вели во студијата.

Но, растот исто така стагнира кај Холанѓаните чии родители, баби и дедовци се родени во Холандија.

Ова може да се должи на „биолошката граница“, но и „поради нездравите навики во исхраната кои влијаат на растот“.

Холанѓаните не беа секогаш толку „долгнавести“. На почетокот на 19 век, нацијата беше ниска според европските стандарди во тоа време и започна да расте само во 1840 -тите.

До пред сто години, највисоките во светот беа Скандинавците, а Холанѓаните го преземаа приматот во средината на 20 век.

Популарниот мит дека ова се должи на обилната консумација на млечни производи што Холанѓаните ги обожаваат е побиен од научниците.

Слични содржини