НАкС: Најновиот правец на развој сугерира потреба од зголемено влијание на високото образование

од Vladimir Zorba
292 прегледи

Влијанието на високообразовните установи во заедницата секогаш е двострано и претставува основа за заедничко меѓусебно поддржување и поттик за развој. Меѓутоа, можеби најзначаен резултат на ваквото инволвирање на академската заедница е сигурна основа за демократскиот развој кој се базира на почитување на различностите, слобода на говорот, слободен избор и релевантна партиципација на граѓаните во процесите на одлучување, беше посочено на вчерашната јавна презентација на документот за јавни политики насловен „Присуството на академскиот кадар и високообразовните установи во јавноста и нивното влијание врз заедницата“, изработен во рамки на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ од експертскиот тим на Независниот академски синдикат (НАкС).

Во рамките на промоцијата воведниот збор го одржа проф. д-р Драгор Заревски кој го истакна значењето на влијанието на академскиот сектор во високо развиените држави врз севкупниот општествен равиток, а пред сè врз конципирањето и изработката на функционални јавни политики, како и врз развитокот на стопанството со особен акцент врз приватниот сектор.

Документот го презентираа проф. д-р Мирјана Најчевска (со видео конференциско вклучување) и доц. д-р Бисера Станкова при што беше истакнато дека влијанието на високото образование и специфично на универзитетите врз пошироката заедница, приватниот сектор и процесите на донесување одлуки во потесната и пошироката заедница е тема која, во светски размери, сè почесто се спомнува во последните дваесетина години.

„Најновиот правец на развој сугерира потреба од зголемено влијание на високото образование. Во оваа смисла веќе не се зборува само за двете основни мисии на високото образование (обука и истражување) туку и за трета мисија (услуги за општеството). И обуката и истражувањето имаат директно и индиректно влијание врз општествениот развој и развојот на конкретната заедница (со обука на кадри, нови откритија, кумулација на знаења…), меѓутоа, непосредното влијание најмногу се остварува преку третата мисија – услуги за општеството“, велат од НАкС.

Слични содржини