Учеството на БРИКС во глобалниот бруто домашен производ (БДП), според паритетот на куповната моќ, достигна рекордни 35,7 отсто, додека учеството на економиите на Г7 се намали на 29 отсто, покажуваат податоците на Светска банка.
Уделот на земјите од БРИКС во светската економија се зголеми за 0,6 отсто во текот на минатата година. Од основањето на здружението во 2006 година, неговото учество во економијата е зголемено за 10,2 процентни поени.
Од друга страна, уделот на Г7 на крајот на минатата година изнесуваше 29 отсто, што е најниска вредност во претходните 30 години, пренесe „Мина“.
Г7 изгуби 0,4 процентни поени во минатата година, а од 2006 година нејзиниот удел е намален за 9,7 процентни поени.
Другите земји, според резултатите за минатата година, учествуваат со 35,3 отсто од глобалното производство, додека нивниот удел, во најголем дел, е стабилен од 1990 година.
БРИКС обединува десет земји – Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка, Египет, Етиопија, Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати – наведуваат економските портали.
Групата од седум се состои од Соединетите Американски Држави (САД), Јапонија, Германија, Франција, Велика Британија, Канада и Италија.