„Намерно стекнување личен или колективен имунитет по пат на природна инфекција е огромен ризик“

од Берта Китинска
568 прегледи

Ана Јанева која студира биохемија во Германија во својата Фејсбук објава ја презентираше студијата објавена во февруари 2021 во едно од најпрестижните и највлијателните научни списанија, „Science“ која  дава одговара на прашањата поврзани со имунолошката меморија и коронавирусот.

-Нешто околу имунолошката меморија против САРС-КоВ-2 или „сум прележал КОВИД, дали имам имунитет?“ и „прележав КОВИД, ама имам многу малку антитела“, „прележав КОВИД, имам 500 антитела“:

Во овој пост накратко ќе објаснам и сумирам студија објавена во февруари 2021 во едно од најпрестижните и највлијателните научни списанија, Science, којашто ја испитува имунолошката меморија по инфекција со САРС-КоВ-2 (Dan, JM, et al., (2021). Immunological memory to SARS-CoV-2 assessed for up to 8 months after infection. Science, 371(6529)., радо би споделила и пдф за оние без институционален пристап, пишете ми). Оваа студија истовремено е и досега најголемата студија спроведена со цел да се испитаат главните фактори на имунолошка меморија за било кој вирален патоген и неговите специфични антигени.

Имунолошката меморија е основата за долготраен имунитет против некој патоген или по вакцинација. Поради тоа е клучно да се испита дали инфекција со коронавирусот предизвикува имунолошка меморија, и ако да, колку долго трае истата и кој е факторот кој е заслужен за неа. Главните играчи во имунолошката меморија се некои подвидови на Т-клетки, Б-клетки и антитела. Имајќи на ум дека сите овие играчи заеднички ја играат својата улога во имунолошката меморија и заштита при повторен контакт со предизвикувачот на болест, студијата испитува 254 примероци (крв) од 188 пациенти со прележан КОВИД-19 и ги испитува различните фактори на имунолошка меморија во текот на 8 месеци.

Кои сознанија ги дава оваа студија? Антителата против САРС-КоВ-2 се намалуваат во текот на 8те месеци низ кои се протега студијата, меѓутоа Б-клетките се зголемуваат во периодот од еден до осум месеци по инфекција, додека Т-клетките покажале време на полураспад од три до пет месеци и се намалуваат до крајот на испитаниот временски интервал. Што значи ова? Различните фактори на долготрајната имунолошка заштите против коронавирусот имаат комплексна меѓусебна интеракција и индивидуална кинетика, со што студијата покажува значителна хетерогеност во долготрајната имунолошка меморија кај различните пациенти и различните фактори кои се заслужни за истата. Како последица на тоа, невозможно е да се одреди еден фактор кој ќе може да се испита лабораториски и со тоа да се даде дефинитивен одговор дали, ако сте прележале САРС-КоВ-2, вие сте навистина „имуни“ при повторен контакт со вирусот и „колку сте имуни“. На пример, оваа студија укажува на тоа дека количината на детектирани антитела нема корелација со јачината на клеточен имунитет и со тоа експлицитно наведува дека едноставните серолошки тестови за присуство на антитела НЕ даваат никаква информација за тоа дали и колку силен имунитет имате откако сте оздравеле од КОВИД-19. На пример, главната задача на Б-клетките на меморија е да произведуваат антитела при контакт со патоген кој веќе го познаваат, што значи дека дури и кога би имале мала количина на антитела при серолошки тест, тоа не е причина за разочарување дека немате имунитет иако сте прележале, бидејќи вашиот имунолошки систем е опремен со „мали фабрики“ за антитела кои можат брзо да реагираат и да ги произведат антителата кога се потребни.

Да сумираме: добрата вест што произлегува од оваа студија е дека кај 95% од примероците бил детектиран некаков фактор на имунолошка меморија шест месеци по првичната инфекција, што укажува на тоа дека САРС-КоВ-2 сепак остава значителна имунолошка меморија, што би имало импликации при ре-инфекција.

Мој коментар: намерно стекнување личен или колективен имунитет по пат на природна инфекција е огромен ризик, имајќи ги на ум сите ризици и потенцијални последици од КОВИД-19 и поради тоа, секој кој ќе добие можност да се вакцинира, треба да го направи тоа. Имање прележан КОВИД не значи дека треба да престанете да ги почитувате мерките на заштита. Останувањето доследен и одговорен со мерките за заштита е клучно за себе лично, но и за опкружувањето, особено кога имаме работа со неколку различни и МНОГУ ОПАСНИ мутации на вирусот. Секоја вакцина е дизајнирана да го предизвика имунолошкиот систем и да ја создаде имунолошката меморија без да предизвика болест. Дури и оние кои го прележале вирусот, треба да се вакцинираат, кога и како – треба да ви одговори лекар кој ги познава протоколите на лечење, а не научник кој ги познава научните студии и молекуларните механизми, пишува Јанева.

 

Слични содржини