Шефот на Израелската армија најави нова фаза од судирите со исламистите откако Израел со денови бомбардираше цели во Либан.
Израелската војска погоди повеќе од 1.600 цели на Хезболах во Јужен Либан и долината Бека во источен Либан. Само во вчерашните напади загинаа повеќе од 50 луѓе. Хезболах истрела ракети кон северот на Израел, а сирените се огласија во Тел Авив. Од понеделник, 90.000 луѓе се раселени во Либан.
По сето ова, началникот на Генералштабот на Израелската армија, генерал-полковник Херзи Халеви, објави дека се подготвува копнена офанзива против Хезболах во Либан, заканувајќи се со „силен одговор“ на ракетите истрелани кон Тел Авив.
Халеви им порачал на војниците на 7-та оклопна бригада за време на симулирана копнена офанзива во Либан: „Можете да ги слушнете авионите, ние напаѓаме цел ден за да ја подготвиме областа за можноста да влезете во Либан и исто така да продолжите да го напаѓате Хезболах“.
Началникот на Израелската армија изјавил дека Хезболах го проширил опсегот на огнот, како што пренесуваат израелските медиуми.
„Подоцна ќе добијат многу силен одговор“, најавил Халеви откако Хезболах истрелал проектил во централен Израел во четвртокот наутро. Проектилот бил пресретнат и нема извештаи за жртви или материјална штета.
„Денес ќе продолжиме, не застануваме, продолжуваме да напаѓаме насекаде. Нашата цел е многу јасна, безбедно враќање на жителите на северот“, изјавил началникот на Генералштабот на израелската армија.
„За да го направиме тоа, подготвуваме маневар“, додал тој. Израел тврди дека има за цел борци на Хезболах и складишта за оружје, а либанските власти велат дека израелската војска погодува многу цивилни локации.
Организацијата за човекови права „Хјуман рајтс воч“ соопшти дека израелските воздушни напади во Либан низ целата земја ги ставаат цивилите во сериозна опасност и повика на истрага на ОН. Организацијата документирала повеќе од 1.000 израелски напади во Либан, откако израелската војска објави нова фаза во конфликтот со Хезболах, кој истрела повеќе од 200 ракети врз градовите во северниот дел на Израел.
Хезболах тврди дека се спротивставува на израелската агресија и дека сите акции се насочени кон солидарност со Палестинците. Иранскиот претседател вели дека земјата не сака сеопфатна војна и го критикува Израел, додека иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, верува дека победата му припаѓа на Хезболах.
„Израелците направија неколку важни членови на Хезболах маченици. Без сомнение, нанесена е штета на Хезболах, но тоа нема да го фрли Хезболах на колена. Човечките и организациските капацитети се премногу силни за да бидат скршени на таков начин“, рече Хамнеи.
Канцеларијата на Бенјамин Нетанјаху го отфрли предлогот за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах, наведувајќи: „Вестите за прекин на огнот не се вистинити. Ова е американско-француски предлог, на кој премиерот не ни одговори“.