Наместо за инвестиции и намалување на сиромаштијата, парите од Буџетот ќе се трошат за одбрана и враќање на долгови

Економијата продолжува да „живее на кредит“. Ова создава ранливост ако меѓународните каматни стапки повторно се зголемат. Тука секако е и политичка неизвесност и реформска инерција. Секоја одложена реформа – во управата, енергетиката, правосудството – има директен ефект врз инвеститорската доверба и врз долгорочниот раст, вели проф. Наумоски за „Локално“.

од Vladimir Zorba
25 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Од Буџетот за наредната година за НАТО ќе бидат издвоени дури 5 отсто. Ова рекордно издвојување на 325 милиони евра е резултат на одлуката која ја донесеоа лидерите на Алијансата дека сите земји членки ќе инвестираат 5 отсто од бруто домашниот производи до 2035 година за да ги исполнат „индивидуалните и колективните обврски“, според финалната декларација од самитот во Хаг. Друга висока ставка во Буџетот се вкупните расходи на ПИОМ, кои за 2026 се проектирани на 2,44 милијарди евра, од кои околу 1,9 милијарди се за пензии.

Во своето обраќање на собраниската седница за Буџетот за 2026 година потпретседателот на „Левица“, Реџеп Исмаил рече дека со него се предвидуваат нови две милијарди евра годишно задолжување. Проекцијата за домашно задолжување е 585 милиони евра, а за задолжување во странство 1,4 милијарди евра.

Според него, растот од каматите за кредитните задолжувања на оваа Влада е на ниво на вкупната додадена вредност од буџетот.

-Растот на вкупна додадена вредност изнесува 350 милиони евра. Оваа сума е идентична на сумата која што треба да се исплаќа за камати за кредитите кои што се земени, изјави Исмаил.

И покрај тоа што власта тврди дека сме трета економија во Европа по раст на БДП граѓаните тоа не го чувствуваат. Според Исмаил растот на БДП служи како инструмент на власта за да се изземе од одговорноста за инфлацијата и падот на животниот стандард.

Аналитичарот Синиша Пекевски смета дека буџетот за наредната година е неразвоен и наместо да се инвестира во нови бизниси се инвестира во социјала.

Фото: Фејсбук/Синиша Пекевски

-Буџет кој теши речиси 7 милијарди евра, а за капитални инвестиции се планирани само 650 милиони евра, односно 10 отсто, не е ништо повеќе од социјален и неразвоен буџет. Тоа покажува дека економијата стагнира, вработеноста генерално се намалува, приходите и даноците што се плаќаат се недоволни да се покријат потребите на пензионерите и здравствениот систем. Во кратки црти буџетот е катастрофален и намест да се инвестира во нови и иновативни бизниси, се инвестира во бетон, социјала и непродуктивни работи. Затоа и дупката во Буџетот ќе биде уште поголема, изјави за „Локално“, Пекевски.

Економскиот аналитичар Синиша Наумоски вели дека во Буџетот има претпазливост во инвестициите и оти приоритет ќе биде заштитата на животниот стандард преку зголемени плати, пензии и социјални трансфери.

-Задолжувањето изнесува околу 1,7 милијарди евра, а најголемиот дел од средствата, односно 950 милиони се за еврообврзница која служи за рефинансирање на стари долгови, а не за нови трошоци. Освен тоа, има претпазливост во инвестициите – капиталните расходи се намалени на околу 650 милиони евра, што ја рефлектира оценката дека досегашниот систем не може да апсорбира поголеми суми ефикасно. Наместо квантитет, се најавува фокус на подобар квалитет и изведба, вели Наумоски за „Локално“.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/МРТ

Според него, 2026-та е година на стабилизација, а вистинскиот инвестициски и реформски циклус се планира за 2027 година, кога треба да профункционираат и кредитните линии од Велика Британија, кои не се планирани за следната година.

Тој додава дека од овој буџет може да очекуваме позитивни движења, но и многу ризици, пред се поради ниската реализација на капиталните инвестиции

Намалувањето на капиталните расходи не е само фискална мерка – тоа е и признание дека системот нема капацитет да троши големи износи продуктивно. Ако реализацијата повторно биде слаба, тоа ќе го ограничи растот. Еден од ризиците е и висока зависност од задолжување. И покрај тоа што оваа година поголемиот дел од задолжувањето е за рефинансирање, тоа покажува дека економијата продолжува да „живее на кредит“. Ова создава ранливост ако меѓународните каматни стапки повторно се зголемат. Тука секако е и политичка неизвесност и реформска инерција. Секоја одложена реформа – во управата, енергетиката, правосудството – има директен ефект врз инвеститорската доверба и врз долгорочниот раст, додава Наумоски.

Што се однесува до надворешните ризици, економистите ја наведуваат зависноста од германската економија, геополитичките тензии, можните нарушувања во синџирите на снабдување…

Б.С.

Слични содржини