Нанев: Онлајн судењата за 60% ја зголемуваат ефикасноста и транспарентноста

од Nikola Popovski

На денешната прес-конференција за дигитализација на судството, претседателот на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев ги претстави придобивките од дигитализација на судството. Како што рече тој, на овој начин се олеснува работата, се зголемува пристапот до правдата за сите граѓани, се намалуваат трошоците и се зголемува ефикасноста.

„Се подобрува судскиот интегритет и се зајакнува довербата на јавноста преку јакнење на транспарентноста и отчетноста. Се подобрува и заштитата на системот, а и соработката со други институции, меѓународни организации и соработка со други држави. Со Оперативниот план усвоен од Владата, обезбедени се 90 милиони денари за 2021 година, а за 2022 година, тој буџет дополнително се зголемува. Овие средства ќе бидат искористени за рехабилитација на хардверот и софтверот. На тој начин, ќе се зајакнат системите за складирање на податоци во сите судови во државата”, рече Нанев.

Тој се осврна и на можноста за онлајн судења кои се придобивка од процесот на дигитализација на судството.

„187 судници ќе бидат опремени со најсовремена дигитална опрема за непречено онлајн судење. Во овој процес на дигитализација посебен акцент се дава на учеството на јавноста и можноста да се следат судењата. Анализите покажуваат дека судењата на далечина или онлајн судењата за 60% ја зголемуваат ефикасноста и транспарентноста. Дополнително, на овој начин се намалуваат трошоците. Само со 15 институции приклучени на системот за интероперабилност ќе се заштедат 15 милиони евра на годишно ниво, или 2,5 тона хартија, односно 3.000 дрва”, информираше судијата Нанев.

Слични содржини