Чиле, една од земјите со највисок стандард во Јужна Америка, се соочува со напади од анархисти на кои засега нема одговор, но на јавни места се зголемени мерките за безбедност.
Испраќањето пакети со експлозив во полициска станица и во компанијата „Квиненко“ која е во сопственост на Андронико Лукшич Крег е најновиот случај во главниот град Сантјаго де Чиле каде полицијата нема никаква трага од сторителот.
– Потешко е да се бориме со анархизмот отколку со тероризмот. Тоа се индивидуални акции, така што тие се потешки за сузбивање отколку терористички напади. Постојат артикулирани активности во терористичките напади, познати групи, кои дејствуваат на единствен физички простор и прават точни насилни потези, рече Родриго Убила, заменик секретар во чилеанското Министерство за внатрешни работи и безбедност.
– Безбедносните служби во Чиле во 1980-те и 1990-те години се навикнати на терористички акции, но не и на анархистички акции, додаде Убила во обраќањето до медиумите.
Минатата недела преку пошта беа испратени два пакета со експлозив од кои првиот во 13 часот по локално време експлодираше во полициска станица, повредувајќи осуммина полицајци.
Вториот пакет пристигна еден час подоцна во седиштето на компанијата „Квиненко“, чиј сопственик е Андронико Лукшиќ Крег, еден од најбогатите луѓе во Чиле со потекло од Хрватска. Тој пакет бил наменет за Хинзпетер, поранешен министер за внатрешни работи во периодот од 2010 до 2014 година, кој сега е директор на правната служба на „Квиненко“. Содржината на пакетот е откриена, зградата евакуирана, а таму никој не беше повреден.
– Анархизмот не е група, таа се личности кои прифаќаат еден идеолошки концепт и не мора да дејствуваат на координиран начин. Тие лица се поврзани преку технолошките медиуми. Кога зборуваме за терористичките групи од пред 20 години, тие се идентификуваат по име. Тоа не е така во овие случаи, изјави Убила.
Во вторникот на порталот Контра инфо, посветен на содржини поврзани со анархизмот, беше објавено писмо во кое се презема одговорноста за испраќањето пакети со бомби. Писмото беше потпишано од Востанички соучесници / фракција за одмазда.
Министерот за внатрешни работи Андрес Чадвик рече дека тоа име не и е познато на полицијата, дека во тек е истрага и се проверува веродостојноста на преземањето одговорност. Во насловот на писмото беше наведено: „Операција за ширење на непријателството спрема крвниците“.
„Нашите непријатели се јасни, не не интересира, ниту сакаме да повредиме некого“, пишува во писмото. Полицијата не успеа да ги идентификува авторите.
„Хинзпетер, министер во претходната влада на Себастијан Пинера, беше задолжен за репресијата над мапучите (индијанско население во Чиле), а исто така и за анархистите и студентските движења радикализирани во улични борби“, наведено е во писмото.
„Тој сега е директор на „Квиненко“, која припаѓа на срамната групација Лукшиќ, чии пипци се шират на што е можно повеќе подрачја, од банки, па до телевизиски канали, претворајќи ги нашите животи во стока“, додава мистериозната група.
Полицискиот началник Гузман им беше мета бидејќи „спроведуваше репресија и контролираше територија каде што неговите поранешни колеги за време на уличните судири во 1998 година го убија анархистот Клаудио Лопез“.
Една од претпоставките е дека позади тоа стои група во сенка, позната под името „Индивидуалисти со тенденција кон дивината“, скратено ИТС, која претходно беше поврзувана со поставување бомби во Чиле, Мексико и Бразил.
– Ние се наоѓаме наспроти суров непријател, претпазлив и моќен, рече претседателот Себастијан Пинера за време на посетата на полициската станица по нападот.
– Ќе треба време за истрагата, но ние сме успешни во апсења, судења и осуди, додаде тој.
Локалните медиуми јавија дека експлозивната направа имала „индустриски барут“, додека другата која е испратена во холдингот имала динамит, каков што не е користен во претходните напади во Чиле.
Во 2017 година пакет со експлозив беше испратен и на домашна адреса на Оскар Ландерече, тогашен претседател на „Коделко“, чилеанска државна компанија за бакар. Чиле е најголемиот светски производител на тој метал, со акции од околу 28 отсто. Бомбата беше активирана во неговата кујна и притоа ја повреди неговата ќерка, домашната помошничка и Ландерече. Тој напад се водеше на ИТС.
Меѓутоа, оваа година, нова експлозивна направа експлодираше на автобуска станица во центарот на Сантјаго, при што петмина беа повредени.
Во мај, пак, и претседателот на градското метро Луис де Гранге доби пакет на домашна адреса. Пред да го отвори тој ја повика полицијата која потврди дека станува збор за бомба. И тие напади се смета дека се од страна на ИТС.
Таа група на својата интернет страница се нарекува „еко-екстремисти“. Таа е критички настроена кон човековиот напредок и технолошко – индустрискиот систем кој, според нив, ја уништува околината, планетата и човештвото.
Испраќањето пакети со бомби на директорите на метро и рударски компании се објаснува со одмазда за уништување на подземјето. Но, сите тие случаи останаа неразјаснети.
Хуго Фрухлинг, директор на Институтот за јавна политика при Универзитетот во Чиле вели дека ИТС се поврзани со други групи анархисти во Чиле.
– Тие групи се мали и не се систематични. Многу е тешко да се неутрализираат, бидејќи е речиси невозможно да се инфилтрираш кај нив. Така што е тешко да се знае што мислат, која им е идеологијата и што планираат. Освен тоа, нивните акции се спорадични, вели Фрухлинг.
Но, нападите во последно време ја кренаа напнатоста во Сантјаго, кој се смета за еден од најбезбедните градови во Латинска Америка.
Шефот на одделот за човечки ресурси во „Коделко“, Франциско Марин во петокот беше уапсен на аеродромот во градот Калама откако извикал „бомба“. Компанијата веднаш го отпушти. Тој потоа рече дека дошло до недоразбирање, бидејќи за време на контролата на аеродромот всушност ја прочитал веста за нападот во полициската станица и холдингот во Сантјаго и ја коментирал со сопатниците од компанијата. Осигурувањето на аеродромот по нападот беше со зголемени мерки за претпазливост.
Во четвртокот, пак, една станица на подземната железница беше затворена додека полицијата прегледуваше оставен куфер, но притоа не најде експлозив.