Втора недела од предизборната кампања. Реториката сѐ пожестока, меѓусебните обвинувања меѓу власта и опозицијата продолжуваат. Гледаме дека постојано излегуваат анкети во кои што претставниците на власта и нивните кандидати водат во големиот дел од општините. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ излегува со жестоки напади кон кандидатите и партиите кои не се дел од нивниот табор. „Венко Филипче алатка во планот на Заев“, „бугарски куфери со пари“, „измамници на народот“ се само дел од реториката. Се разбира и СДСМ не заостанува. Или се брани или возвраќа со иста мерка. Слични наративи и развој на ситуацијата гледаме и кај партиите од албанскиот блок.
Кој игра „дефанзивно“, а кој „вистински напаѓа“?
За дел од аналитичарите, изборната кампања е во рамките на очекувањата. Според политичкиот аналитичар, Александар Ристевски, оние кои се поочајни и каскаат зад фавориите се обидуваат да сменат нешто со црна кампања, дискредитација и менување на фокусот.
-Оние кои важат за фаворити презентираат програма и проекти. Секоја општина е приказна за себе со сопствени специфики, па на остатокот од државата не секому е јасно зошто одредени теми се форсиираат или проекти, но локалното население најдобро знае кои се потребите, а истите обично се пресликуваат кај фаворитите. Оние кои се аутсајдери, воглавно одат со нереални понуди, или теми кои излегуваат вон ингеренциите на локалната самоуправа, вели Ристевски во разговор за „Локално“.

Александар Ристевски/Фото: Принтскрин/Јутјуб
Според него, не е точна тезата дека нападот доаѓа од власта, а дека опозицијата се брани. Баш напротив, смета Ристевски, СДСМ и ДУИ, па и Левица се тие кои удираат на секој можен начин, а владејачката структура предводено од ВМРО ДПМНЕ соодветно одговара.
-Постои токму кај опозицијата желба да се излезе од фокусот на локалните теми, и да се зборува за висока политика, или да она што е во сферата на извршната централна власт, но не сметам дека таа реторика ќе ги смени очекуваните и превдвидени резултати, затоашто огромен дел од населението е свесен за што се гласа, за локални совети и градоначалници. Фактички локално собрание и влада, на единиците на локална самоуправа, инфраструктура, градинки, школи, амбуланти, хигиена, просторно планирање и развој, посочува Ристевски и додава дека самите партии со препукувањата си тераат паралелни кампањи кои нема ама баш ништо да сменат.
-Мислам дека народот речиси секаде веќе сега знае дали и за кого ќе гласа, потенцира аналитичарот.
Од друга страна, дел од јавноста дека целокупната изборна кампања е една голема манипулација на граѓаните. Според професорката во пензија и граѓанска активистка, Мирјана Најчевска досегашното искуство ни кажува дека тие кои доаѓаат на чело на општините излегуваат од тие места со нови бизниси и со енеормно зголемен имот на сметка на средствата на општините и никој не реагира на ова.
Најчевска истакнува дека ветувањата кои се даваат не се базираат на податоци, на анализи и истражувања и не нудат издржани и остварливи решенија.
-Во отсуство на било каква одговорност за неисполнување на ветеното може да се вети се. Во моментот кога ќе дојдат на функција избраните градоначалници и советници ни соопштуваат дека: затекнале празна каса и хаос во општината заради што не можат да го исполнат ветеното и дека им се врзани рацете заради составот на советот или заради градоначалникот.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/Тера
Недовршената фискална децентрализација која ги ограничува максимално средствата кои може да ги генерира самата општина ги прави општините вазали и клиенти на партијата која што е на власт која ги дели буџетските средства по симпатија и партиска афилијација, истакнува Најчевска.
Според неа, отсуството на елементарна контрола на трошењето на парите на општината и отсуството на казни овозможува општинските функционери да ги трошат средствата со кои располагаат на сопствени ќеифови и луксузи.
-Можеби најдобар израз на она што претставуваат локалните избори во Македонија претставува разговорот кој го имаше мојата комшика со еден од кандидатите за градоначалник во општината. На прашањето добро зошто се кандидираш за ова место, тој и одговори: па и јас да сркнам малку од медот комшике. Можеби прв чекор во раскинување на овој затворен круг на измами е граѓаните да им дадат поддршка на независните кандидати и кандидатите на помалите партии (посебно ако се тоа луѓе кои ги познаваат и во кои може да имаат доверба), потенцира професорката во пензија.
Кампањата за локалните избори завршува на 17 октомври на полноќ, по што настапува 24-часовен молк пред изборите на 19 октомври. Вториот круг ќе се одржи на 2 ноември.
Локалните избори 2025 се осми од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Ќе се гласа на 3.480 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10 490 кандидати.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.
Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – шеснаесет.