Саудиска Арабија ги повика своите граѓани итно да го напуштат Либан, поради се поголемата напнатост меѓу двете држави.

Државните медиуми објавија изјава во која се повикуваат сите Саудијци кои живеат во Либан или таму се во посета веднаш да ја напуштат државата, а останатите се предупредени да не патуваат таму.
Кувајт, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати објавија слични предупредувања за своите граѓани.
Либанскиот премиер Сад Харири ја шокираше државата кога на телевизија во Саудиска Арабија изјави дека поднесува оставка. Од тогаш не е виден во Либан, а медиумите почнаа да нагаѓаат дека Саудијците го држат против негова волја.
Харири изјави дека неговата држава станала заложник на милитантната група Хезболах. Државата изјави дека „учеството на Хезболах во либанската влада е воен чин против кралството“.
Либанскиот претседател Мишел Аун рече дека нема да ја прифати премиерската оставка додека со него не се состане, а партијата на Харири го повика на негово итно враќање во државата.
Истовремено растат напнатостите меѓу Саудиска Арабоја и Иран, откако кралството го обвини Техеран за агресија откако бунтовниците Хути од Јемен истрелаа балистичка ракета во близина на Ријад.
Саудијците го обвинија Иран дека ги вооружува Хутите, што Иран го порекнува.
Египетскиот претседател предупреди дека се понестабилната ситуација може да доведе до војна меѓу Иран и Саудиска Арабија, а францускиот претседател стигна во посета на Арабија за да се обиде да ја смири ситуацијата.