„Направи сам“ проектите со стакло честопати изгледаат малку поризични и покомплицирани од другите, меѓутоа со малку повеќе внимание при изработката се завршуваат успешно и безбедно како и сите други.
Проектот за огледало во октагонална форма изгледа малку покомплексен, но е и невозможен. Потребна е едноставна, малку повнимателна и посветена работа на проектот што ќе финишира со елегантно огледало за модерните ентериери.

За проектот ќе ви биде потребно:
– огледало (во форма на квадрат за полесна изработка);
– алатка за сечење стакло;
– метален линијар и маркер;
– ракавици и заштитни очила;
– шаблон ;
– шмиргла;
– леплива хартија;
– скалпел;
– спреј во боја по желба.

Најпрво, доколку парчето огледало што сте го набавиле не е во квадратна форма, ќе биде неопходно да го исечете огледалото во форма на квадрат, со цел потоа полесно да добиете октагонална форма. Обележете го квадратот во посакуваните димензии со помош на линијарот и на маркерот и потоа со алатката за сечење стакло направете рез врз обележените линии. Откако ќе завршите со режењето на линиите, поставете го стаклото на работ на тврдата површина на која работите и потоа еден по еден и со брзи потези повлекувајте ги надолу остатоците од огледалото. За овој чекор задолжително носете ракавици и заштитни очила. Внимавајте кога ќе го режете огледалото со линијарот да си помагате со цел да не скршнете од обележените линии. Исто така, овде е важно огледалото да се изреже во еден чекор и да не се повторува постапката.



Истата оваа постапка при сечење на огледалото повторете ја за од квадратната да ја добиете октагоналната форма на стаклото. Потоа, за полесно боење на огледалото, залепете леплива хартија на целата предна огледална површина. Можете да направите шаблон налик овој на сликите и потоа прецизно да исцртате линиите и формите на огледалото, кои потоа ќе ги исечете со скалпелот. Линиите може да ги направите потенки или подебели, по ваша желба. Потоа поминете ги острите рабови на огледалото со шмирглата и може да започнете со негово боење.


Испрскајте со спрејот на целата површина и, откако ќе се исуши, одлепете ги остатоците од лепливата хартија, и огледалото е подготвено да украси некој од ѕидовите во домот или, пак, да биде интересен подарок за пријателите.


