Министерството за животна средина и просторно планирање, Јавната Установа Национален Парк Маврово и граѓанските организации што работат на заштита на природата, на работен состанок, се согласија дека е потребно итно репрогласување на Националниот Парк Маврово.
Во обид повторно да се заживее процесот за репрогласување на Националниот Парк Маврово и да се овозможи максимална заштита на овој простор од европско значење за биодиверзитетот, Еко-свест иницираше координативен работен состанок на кој присуствуваа Министерот за животна средина и просторно планирање г. Насер Нуредини, претставници од секторот за природа при министерството, директорот на Јавната Установа НП Маврово г. Самир Ајдини и раководителот на одделението за заштита на природата во установата, и претставници од граѓанскиот сектор.
На состанокот сите страни се согласија дека на НП Маврово му е потребна итна и сеопфатна заштита која што ќе се обезбеди со обновување на студијата за валоризација од 2012 година и конечно носење на законот за репрогласување на паркот. На овој начин ќе се овозможи изработка на план за управување по највисоки меѓународни стандарди, што пак ќе отвори можности за нови и одржливи начини на финансирање на работата на паркот.
Меѓу работите што беа дискутирани на состанокот беше и важноста за рано вклучување на локалното население во постапката, идентификување на можности за економски развој на регионот согласно начелата за заштита на природата, и задржување на традиционалните активности како главни двигатели на локалниот развој.
„Развивањето на традиционалното сточарство и други економски гранки како што е собирање на шумски плодови, лековити билки и планински чаеви, но во насока на модерен еко-туризам, ќе ги задржи природните карактеристики што се заштитени, но и ќе обезбеди одржливо финансирање за јавната установа што управува со паркот“ – изјави Симона Трајковска од Еко-свест.
Како потенцијален проблем се нагласи важноста да се спречи понатамошна деградација на природните вредности на паркот до неговото репрогласување. Во таа насока, на Министерот му беше врачено Барање за привремена заштита на Маврово потпишано од 28 граѓански организации и иницијативи, а поддржано од 21 пратеник во Собранието на Р.С.М., членови на Зелената група.
„Барањето го поднесовме поради очигледната потреба од обезбедување на доследна заштита на паркот се до негово формално ре-прогласување, а како би се спречило продолжувањето на разни деградирачки активности (мали хидроцентрали, зголемена урбанизација; и сл.). Не радува фактот што Министерот се согласи дека е потребен формален механизам за спречување на ваквите негативни активности во овој период кога се преземаат првите чекори кон ре-прогласувањето па се до завршувањето на овој процес. Претставниците на ЈУНП Маврово ја искажаа својата поддршка и истовремено ја истакнаа потребата од воспоставување на ваков механизам со кој би се спречиле дел од проблемите со кои се соочуваат“ – изјави Ања Јованова од Фронт 21/42.
Работниот состанок е дел од кампањата „Да го спасиме синото срце на Европа“ финансирана од фондацијата Еуронатур од Германија а имплементирана од Еко-свест и Фронт 21/42.