Наративот против кој ВМРО-ДПМНЕ протестираше во 2016, сега го примени во Собранието: „Во интерес на македонската кауза е силен албански партнер кој ќе биде способен да се пресмета со ДУИ“

од Nikola Popovski
785 прегледи

Африм Гаши, поранешниот лидер на Алтернатива, за претседател на македонското Собрание беше избран со 76 гласа „за“ и 6 „против“. Иако прво на албански, па потоа на македонски јазик, Гаши со заклетвата се обврза дека ќе го почитува Уставот и законите и дека ќе побара обединување во евроинтеграцискиот процес а ќе се заложи и за подобар стандард на граѓаните. По верификацијата на мандатите ДУИ ја напушти седницата, а СДСМ молчеа и не гласаа. Поддршката на изборот на Гаши беше преку пратениците од ВМРО-ДПМНЕ коалицијата ВЛЕН и од движењето ЗНАМ. На сето тоа претходеше дебата во тензична атмосфера, најмногу по критиките и обвинувањата на шесте пратеници на Левица, кои се противеа за изборот на собранискиот спикер.

Од вчерашната прва седница произлегоа неколку дилеми во јавноста, меѓу кои и дали е скандалозно што заклетвата прво беше кажана на албански јазик, но и како што може да се толкува молкот на пратениците на СДСМ. Дел од јавноста тврди дека Законот за употреба на јазиците е нелегален и противуставен, отфрлен од Венецијанската Комисија и ЕУ.

-Истиот треба веднаш да биде поништен од Уставен Суд. Во иднина таа материја треба да се регулира со нов граѓански Устав за рамноправна употреба на сите јазици и македонскиот како лингва франка за сите граѓани, вели во разговор за „Локално“, професорот и претседател на Македонски концепт, Петар Богојески за обраќањето на Гаши.

Петар Богојески

За молкот од СДСМ, вели дека тоа „не се партија, туку измеќари“.

-По инерција не смеат да кажат било што, секогаш кога се избира Албанец за било која позиција. Тие имаат право само да молчат! Дополнително се закопани во криминал и се плашат од сопствена сенка што ги очекува следниве месеци. Македонски Концепт бара полна кривична одговорност за секој еден од нив, кој сторил криминал, потенцира Богојески.

За потегот на ВМРО-ДПМНЕ и предлогот собраниски спикер да биде Гаши, соговорникот вели дека „во интерес на македонската кауза е силен албански партнер кој ќе биде способен да се пресмета со бандите од ДУИ“.

-Нашиот стил не е да ги понижуваме соработниците, туку да ги охрабриме. Очекувам од ВЛЕН да бидат перјаници во процесот на расчистување на криминалот на ДУИ. Само така ќе го оправдаат своето место во Владата и ќе имаат шанси да победат на локалните избори во 2025 година, истакнува Богојески.

Аналитичарот Даут Даути смета дека сите политички актери се однесуваат на одреден начин заради поентирање пред „своите“ гласачи.

-Јас на пример, ако не го поставевте вие прашањето, не би размислил многу дали постапката на Гаши претставува скандал, бидејќи не би знаел како е пропишано законски, дали му дава предност на индивидуалното право, или на институционалната обврска. По мене, бенигна ситуација која брзо ќе се заборави, вели тој во разговор за „Локално“.

Даут Даути

Во однос на молчењето и негласањето од страна на пратениците на СДСМ, според него, тоа е само прв чекор на конституирање на Собранието и не може да се суди само по тоа дали опозицијата ќе молчи и понатаму. Тврди дека низ годините СДСМ се стекна со имиџ на умерена партија, и по тоа многу се разликува од ВМРО и може да се очекува и овој пат да се однесува критички, институционално и конструктивно.

-Овој пат СДСМ е во поголема беља од порано, така што паралелно со опозициското делување, треба да мисли на сопствено внатрешно престројување и преиспитување. Парадоксално, но причината на нејзиниот „пад“ се базира на две крупни стратешки дејствувања кои и двете кај македонските гласачи и се припишани како голем минус. Едната е крајно државничкото однесување во однос на евроинтеграциите и малите или големите жртви што мораше да ги направи, што во очите на етничките Македонци се гледаат како предавство на македонските интереси, што по мое мислење не е така, и второто, секако, изневерените очекувања во борбата против корупцијата, што за жал, тоа е вистина. Од една страна, заради многу причини ја изјалови таа борба против носителите на претходната власт, а самата таа не беше имуна од истото…Има и трета причина, а тоа е што ВМРО успеа на гласачите да им го наметне наративот дека државата ни на водеше ДУИ и Али Ахмети, на кои не им е гајле за македонските интереси, нешто што е атрактивно како наратив,иако далеку од вистината, бидејќи крупните државнички работи сепак ги водеа синхроно СДСМ, претседателот и ДУИ, ДУИ ништо не правеше на своја рака! Во ваква ситуација, сега како опозиција, СДСМ ќе мора многу да поработи да ја убеди јавноста дека новата власт не е ништо подобра, и дека ќе продолжи по истиот пат што го трасираше претходната власт. И дека по националните прашања ништо нема да прави поразлично.

Како што стојат работите, додека СДСМ ќе се бави со своите внатрепартиски проблеми(наоѓање нов лидер,ново раководство…), вистинска опозиција изгледа ќе биде ДУИ, која со Европскиот фронт навистина успеа да стане втор фактор по големина(и по прегласувањето остана втора, со СДСМ), и на тоа ќе ја базира својата политичка борба за легитимитетот, оценува Даути.

Според него, изборот на нов спикер Албанец е нормална работа, а потегот на ВМРО-ДПМНЕ како прагматичен и е во рамките на политичките договарања со коалиционите партнери.

Акцентот на говорот на лидерот на Левица, Димитар Апасиев и на петтемина негови сопартијци беше, според нив, „предавството и лагата на ВМРО-ДПМНЕ и настаните од „27 април“. За тезата дали партијата на Христијан Мицкоски врз основа на лаги ги доби изборите, Даути објаснува дека ако гледаме на принципиелен план може и така да се третираат работите и тоа сега треба да го цени македонскиот гласач зошто тогаш било национално предавство да биде спикер Албанец, а денес тоа е вообичаена работа.

-Јас сега би ја сметал како нормалност со дополнение на што сме трошеле енергија порано, што некогаш сме третирале како голем проблем. Оваа сега дури би ја сметал како вид на созревање на нашето општество израз на нова политичка култура и практика, бидејќи ако Албанците според пописот го сочинуваат 25-30 отсто од населението, нормално е секогаш при поделба на власта, да држи една од клучните позиции.

Е сега дали Мицкоски ги излажал граѓаните по оваа прашање е релативно, политичарите секогаш влеат многу нешта, иако самите знаат дека во практика поинаку ќе се однесуваат. Ова со изборот на нов спикер на парламентот може лесно да го отфрли како неосновано со дистанцирање дека тогаш лидер бил друг и дека низ овие години се обидувал на некој начин да излезе од негова сенка и хипотеки, а јас би рекол дека тоа е најмалата замерка кон него. Најголемите предизвици се видоа со односот кон Преспанскиот договор, кој мораат да го испочитуваат, иако цело време го нарекуваа штетен(ете, претседателката јасно кажа дека ќе го почитува), а уште повеќе, која е таа магична формула во односите со Бугарија и уставните измени, како услов за ЕУ. Тука гласачите ќе ценат што ветил и како сега ќе се однесува Мицкоски и новата влада. Одредени минуси уште сега може да му се припишат, со најавата дека еден од неговите министри го негира тоа што целиот слободољубив свет одамна го има нотирано, геноцидот на Сребреница. Ако оди по патот на ревизија на некои востановени практики во однос на вработувањата во администрација, механизмот на „бадентерово мнозинство“ и сл., навистина ќе имаме со што да се занимаваме, заклучува Даути.

Н.П.

Слични содржини