Советот на Народната банка на својата редовна седница го усвои Кварталниот извештај за второто тримесечје од 2023 година. Во Извештајот се заклучува дека во текот на вториот квартал, годишната стапка на инфлација и натаму забавува, додека Народната банка за стабилизација на инфлацијата и на инфлациските очекувања ја затегна монетарната политика, но презеде и други мерки, во склад со останатите централни банки.
Во однос на остварувањата, растот на домашната економска активност забрза, малку посилно од очекувањата според последните проекции, а најновите високофреквентни податоци за вториот квартал од 2023 година упатуваат на натамошен раст на економската активност во вториот квартал од годината, но поумерен. Годишната стапка на инфлација дополнително забави и на крајот на вториот квартал изнесуваше 9,3%, што е во согласност со априлската проекција. Надворешната позиција на економијата се подобрува, поради што девизните резерви се одржуваат во сигурната зона. Имено, во првиот квартал на 2023 година, тековната сметка на платниот биланс бележи суфицит, а поволните движења во тековните трансакции се резултат на позитивните остварувања кај сите категории, но во најголем дел поради намалениот дефицит во размената на стоките со странство, пред сѐ поради понискиот увоз.
Монетарните податоци исто така покажуваат поволни придвижувања. Имено, годишниот раст на депозитите и натаму забрзува, а овие остварувања се подобри од очекувањата според априлската проекција. Притоа, и натаму има поволни придвижувања од аспект на рочната и валутната структура на штедењето (раст на долгорочните и на денарските депозити), одразувајќи ги ефектите од мерките преземените од страна на Народната банка и стабилизираните очекувања на економските субјекти. Банките и натаму обезбедуваат кредитна поддршка за домашната економија, но растот е поумерен и малку подобар од очекувањата. И покрај остварувањата, ризиците за економските изгледи сѐ уште постојат и произлегуваат од развојот на војната во Украина, геополитичките тензии во глобални рамки, силината на затегнувањето на финансиските услови, како и од евентуалните понатамошни превирања во финансискиот сектор. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок.
На седницата на Советот беше усвоена и Годишната информација за плаќањата во Република Северна Македонија во 2022 година, во која се утврдува дека платежниот пејзаж во земјава го карактеризира натамошното зголемено користење на платежните услуги од страна на граѓаните и компаниите за извршување безготовински плаќања за производите и услугите во земјата, коишто ги овозможуваат давателите на платежни услуги. Во овој период се евидентирани 195 милиони платежни трансакции, што е годишен раст од 6,8%, што речиси во целост произлегува од засилениот раст на бројот на трансакции со платежни картички за 13,1%. Со тоа, нивното учество во вкупниот број безготовински трансакции достигна значителни 62,1%, при истовремено зголемување и на вредноста на овие трансакции за 18,7%.