Народна банка: ММФ даде високи оценки за монетарната политика што придонесе кон намалување на инфлацијата

од Nikola Popovski

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) даде високи оценки за монетарната политика, финансискиот и надворешниот сектор, девизниот курс, како и за квалитетот на податоците, коишто се во рамки на надлежностите на Народната банка, а кои се предуслов за квалификување за Кредитната линија за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ), информираат од Народната банка.

Во извештајот на Мисијата на ММФ врз основа на член 4 од Договорот за членство во Фондот, како и првиот преглед во рамки на аранжманот за ПЛЛ, се наведува дека промените на монетарната политика, преку зголемување на основната камата и други мерки, заедно со намалувањето на цените на светско ниво, придонесоа кон намалување на инфлацијата. Инфлациските очекувања се зацврстени, а девизниот пазар е стабилен. И покрај кризите, стабилноста на банкарскиот сектор продолжи да се зголемува, додека растот на депозитите и кредитите постепено се враќа на предкризните нивоа.

-Во Извештајот на Мисијата се наведува дека инфлацијата постепено се намалува и дека се очекува таа да продолжи во истата насока, стремејќи се да се врати на ниските стапки од претходно. Сепак, ризиците и натаму се присутни. Во овој контекст, централната банка треба да биде подготвена, доколку се остварат ризиците, да реагира преку затегнување на монетарна политика, наведуваат од ММФ.

Мисијата оценува дека банкарскиот сектор е соодветно капитализиран, со понатамошен раст на адекватноста на капиталот и историски најниско ниво на нефункционалните кредити од 2,9%. Се наведува дека поради глобалното монетарно затегнување, Народната банка засилено ги следи ризиците, забележувајќи напредок во однос на спроведените стрес-тестови. Како резултат на монетарното затегнување, растот на депозитите и кредитите се нормализира на преткризното ниво, со раст на депозитите од 8,9% и на кредитите за 5,8% на годишна основа во септември. Како резултат на макропрудентната политика и мерките преземени од страна на Народната банка, се забележува стабилизирање на пазарот на недвижности. Мисијата посочува дека макропрудентната рамка во текот на минатата година е зајакната со усвојување на Стратегијата за спроведување на макропрудентната политика, како и усвојувањето на Законот за решавање на банки.

Според Народната банка, ММФ го потенцираше и значењето на независноста на централната банка за успешно остварување на нејзините законски цели.

Првиот преглед врз основа на инструментот ПЛЛ е завршен успешно, при што е оценето дека е зачувана стабилноста на јавните финансии, намалени се енергетските субвенции, како и дека е стабилизирана инфлацијата. Соодветно, ММФ, во рамки на инструментот, на земјата ѝ доделува 161,35 милиони специјални права на влечење или околу 200 милиони евра. Инаку, ММФ го доделува инструментот ПЛЛ на земји со стабилни економски основи.

Слични содржини