Народниот правобранител ја осуди изјавата на Ангелов: Достоинствено домување, а не присилно иселување на Ромите од Вардариште

Решавањето на прашањето со домувањето да не биде без присила и без раселување „по кратка постапка“, соопштија од Канцеларијата на Народниот правобранител

од Nikola Popovski
81 прегледи Фото: Принтскрин

Народниот правобранител ја осуди изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, за иселување на ромските семејства од Вардариште по пожарите на таа локација, и побара да се најдат одржливи решенија со кои ќе се обезбедат и заштита на животната средина и достоинствено домување.

– Остро ја осудуваме изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување за „агресивна реакција и иселување по кратка постапка на ромските семејства од Вардариште. Ваквите изјави, ја поттикнуваат стигматизацијата и дискриминацијата врз ромската заедница и се во спротивност со принципите на недискриминација и еднаквост гарантирани со Уставот на Република Северна Македонија, Стратегијата за Инклузија на Роми 2023–2030 и меѓународните документи кои го гарантираат правото на достоинствено домување и недискриминација. Според Народниот правобранител, изјави кои повикуваат на присилно раселување на цели заедници, особено врз етничка основа, не само што се опасни и дискриминаторски, туку и ја поткопуваат довербата кон институциите. Наместо закани и принудни мерки, потребен е дијалог, системски пристап и соработка со локалната самоуправа, граѓанските организации и самите жители, за да се најдат одржливи решенија со кои ќе се обезбедат и заштита на животната средина и достоинствено домување, соопшти Канцеларијата на Народниот правобранител.

Укажуваат дека Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030,  јасно ја дефинира областа Домување како една од клучните приоритетни области, со цел подобрување на условите за живеење, легализација на постојните живеалишта, интегрирано урбанистичко планирање и обезбедување пристап до основна инфраструктура. Стратегијата, стои во соопштението, јасно нагласува дека решавањето на прашањето со домувањето мора да биде во согласност со човековите права и достоинството на секој поединец, без присила и без раселување „по кратка постапка“.

Ангелов не се согласува „преживувањето“ на неколку десетици ромски семејства да биде ставено пред животот и здравјето на стотици илјади граѓани на Скопје. Дека е за дислокација на ромските семејства кои живеат покрај Вардариште по кратка постапка, ако треба и на сила, Ангелов кажа пред два дена во гостување во поткаст.

Прашан дали тоа не може да се направи на хуман начин, Ангелов рече дека тој е за агресивна реакција.

„Ако мене ме прашувате, јас би го решил тоа по кратка постапка, ги селам од таму, ако е потребно и на сила“.