Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги критикуваше „дел од судиите и обвинителите во Србија“ дека не си ја вршат работата и дека биле „платени од странство“ за да ги ослободуваат притворените студенти и граѓани за време на протестите.
„Главно ги пуштаат, бидејќи некои од нив се на таа страна, а некои од нив се платени за тоа, тоа не е тајна. Ќе им одговориме, не е лесно“, рече Вучиќ на Пинк.
Тој, исто така, оцени дека „тие“ ќе ги ослободат и „оние што ги тепаа полицајците со стапови“.
„А оние што ги тепаа полицајците со стапови, и тие ќе бидат ослободени. Народот прашува „зошто не го променам тоа“… Но, кога ќе дојде до промени во Уставот во која било форма, ќе можеме да направиме фундаментални промени во обвинителството и судството“, рече Вучиќ.
Вучиќ ги обвини некои судии и обвинители дека „не сакаат да си ја работат работата“.
„И кога ќе погледнете, можете да ја видите трагата на парите и да видите од каде се платени. Освен што земаат огромни плати од граѓаните, секоја дополнителна исплата доаѓа од странство, разни „цеприси“ и други организации, наводно невладини, но секогаш за уривање на државата. Кога ќе ги погледнете тие пари, тогаш разбирате зошто одредени судии и обвинители се однесуваат така“, вели денеска Вучиќ.
Синоќа Вучиќ им се обрати на граѓаните од Палатата на Србија по протестот во Нови Сад, каде што се судрија полицијата и демонстрантите, и рече дека „очекува реакција на обвинителството“.
„Морам да кажам дека чекам реакција на обвинителството. Ако тоа не се случи, ќе мора да преземеме посериозни мерки на државно ниво, и во однос на обвинителството и на судството. Некои се преправаат дека се наивни и мислат дека ќе спроведат обоена револуција. Сега кога разбраа и сега кога видоа дека нема ништо од обоената револуција, дека не успеаја, немојте да се лутите“, истакна српскиот претседател.