Нигел Хил го шетал своето куче во Џерси кога случајно видел старо стаклено шише.
Во него нашол рачно напишана порака од 5 септември 1938 година која гласи:
„Дали може наоѓачот на оваа порака да биде љубезен и да го контактира Џон Стапелфорт, 18 Фитзџон Авењу, Барнет, Англија и да му ја предаде оваа фотографија“.
„Додека се враќавме од шетање забележав необично шише и забележав дека во него се наоѓа замотано ливче“, рекол Хил за Global News.
Нигел го однел шишето дома, и морал да скрши дел за да дојде до пораката.
Прашувајќи се дали пораката анвистина е напишана пред 82 години, Хил забележал натпис на картонот, Cawley Brod Ltd, а по претрагата на интернет открил дека оваа фирма била регистрирана 1931 година во Џерси, што го уверило во автентичноста на датумот.
Наместо да ја задржи пораката за себе како спомен, Хил се впуштил во истражување на нејзиното потекло.
Со помош на социјалните мрежи, успеал да ја најде личноста која моментално живее на наведената адреса.
„Моменталните станари не се Стапелфорт, но најдоа документ од кој се гледа дека Стапелфорд ја купил недвижнината во 1921 година“, рекол Хил.
Сепак, тој не застанал таму, туку се обидел да го открие авторот на оваа порака.
„Можно е пораката да е напишана од Џон де Велдуц Стапелфорд, кој го носел надимакот Џек и живеел од 1890 до 1980 година. Џек најверојатно доаѓал во Џерси на прослава на венчавката на својот брат, одржана во црквата Св.Лука, овде на островот“, објаснил Хил.
„Сепак, поверојатно е дека неговиот син Џон, кој исто така бил присутен на венчавката и тогаш имал 14 години, е автор на оваа порака. Семејството во Џерси најверојатно пристигнало преку море од Вејмаут, на еден од парабродовите кои пренесувале патници до Каналските острови, за време на 30-тите години на минатиот век“, рекол Хил.
Автентичноста на ракописот на Џон Стапелфорт го потврдила неговата ќерка. Сепак, причините поради кои тој ја напишал оваа порака, остануваат и понатаму мистерија.