Главниот и одговорен уредник на интернет-порталот „Инфомакс“, Александар Митовски, синоќа информира дека непознато лице насилно влегло во просториите на редакцијата. Поради тоа беше прекината емисијата „Тешки муабети“.
Редакцијата на „Инфомакс“ информира дека пристигнале и полициски екипи.
Подоцна Митовски појасни дека извесно лице дошло со такси до пред вратите на редакцијата и ја скршило влезната врата.
-Дошол пред врата, почнува да тропа. Таа е заклучена со шифра, но тој во моментов ја скрши. Излезе Милош да провери. Потоа кога тргна нагоре да се качува по скалите, искрши уште две врати. Се фатија со Милош и се обидуваше да спречи поголем напад. Впечатливо е дека лицето влезе да го брани премиерот со муабетот „кој си ти да го навредуваш премиерот, дека ќе не убиел сите…“. Го удри Милош, сите снимки ќе ги објавиме утре. Го нападна и градоначалникот (Стевче Јакимовски), изјави Митовски во утринските часови.
Според уредникот на „Инфомакс“, лицето е приведено и ќе се гони за „насилство“ и „напад на службено лице“.