
Бурна сабота низ САД, со насилни протести против полициската бруталност и расизам во Луисвил, Кентаки, Портланд, Орегон, Сиетл, Вашингтон и Остин, Тексас, објави денес Ројтерс.
Едно лице загина за време на протестите во Остин, а неколку истрели беа испукани во воздухот од голема група вооружени демонстранти, кои повикаа на вооружен одговор на полицијата.
На снимките објавени на Фејсбук се прикажани неколкумина од групата од стотици демонстранти кои пукаат во воздухот.
Полицијата во Остин потврди дека едно лице е убиено за време на демонстрациите и најави прес-конференција со повеќе информации.
Илјадници луѓе демонстрираа во Сиетл, главниот град на државата Вашингтон во северозападниот дел на Соединетите држави, на најмасовните и најнасилни протести против полициската бруталност и расизам во последните неколку недели.
Полицијата соопшти дека користела солзавец и несмртоносно оружје за привремено да ги неутрализира најагресивните демонстранти и дека уапсени се 25 лица.
Во Луисвил, Кентаки, голема група тешко вооружени Афроамериканци протестираа на градските улици барајќи правда за Бренана Тејлор (26), Афроамериканка, која беше убиена кога полицијата насилно влезе во нејзиниот стан минатиот март.
За ова убиство беа отпуштени тројца припадници на полицијата, но никој не е обвинет за смртта на младата, невина медицинска сестра.
На демонстрациите во Портланд, Орегон, илјадници луѓе се собраа и протестираа на улиците на градот синоќа, а едно лице беше прободено со нож.
Полицијата во Портланд реагираше побрутално синоќа од претходниот ден, а со солзавец ги растеруваше насилните демонстранти, но според Си-Ен-Ен, голема група демонстранти со натписи „BLM“ можеле да се видат малку подалеку, протестирајќи ненасилно и мирно низ улиците на Орегон.
На протестите им се придружија воени ветерани, здруженија на мајки, ветеринари и други организирани групи.
Вршителот на должноста државен секретар за национална безбедност, Чад Волф, рече дека 6 припадници на безбедносните сили биле ранети и апелираат до градските власти ширум Америка да „делуваат одговорно и да ги санкционираат криминалците кои се насилни кон полицијата и уништуваат нечиј имот“.