Насилство во дигиталниот простор: Македонија без закон за заштита од сексуална злоупотреба преку слики и видеа

од Илинка Илиоска
58 прегледи

Една од најчестите форми на дигитално сексуално насилство е преку објавување слики, видеа или аудио содржини со сексуална конотација, а ситуацијата дополнително се усложнува со појавата на вештачката интелигенција, која овозможува лесно креирање на лажни слики, познати како дипфејк.

Во Северна Македонија, дигиталното сексуално насилство сè уште не е посебно дефинирано како кривично дело, а според правни експерти, законската регулација на оваа форма на насилство е значително заостаната. Ова го потврди и Мартина Драгановска Мартинова, правна истражувачка и авторка на извештајот „Зајакнување на правната заштита од сексуално насилство преку слики и дипфејк технологија“, кој неодамна беше претставен на панел-дискусија. Таа истакна дека постојните одредби од Кривичниот законик само делумно и случајно го опфаќаат овој тип на насилство, без да има специфична законска насока или одредба која би се занимавала со овој проблем на систематски начин.

„Кога ги анализирав постојните правни одредби, заклучив дека сексуалното насилство преку слики е само делумно покриено со неколку изолирани одредби, без јасна правна регулатива што би го адресирала овој тип на насилство. Тоа значи дека законодавецот не им посветил посебно внимание на овие проблеми,“ истакна Драгановска Мартинова.

На панел-дискусијата таа посочи дека најчести жртви на сексуалното насилство преку дигитални платформи во Македонија се жени, додека сторителите обично се мажи. Ваквото насилство се случува преку социјалните мрежи, електронската пошта или мобилните пораки, а жртвите се соочуваат со сериозни последици, како анксиозност, депресија и губење на работни места.

„Последиците за жртвите се далекусежни – многу од нив се соочуваат со страв да го напуштат својот дом, страдаат од панични напади и депресија, а честопати имаат и проблеми со вработување. Тоа е една од причините зошто е неопходно да се инкриминира овој вид на насилство преку слики, како и креирањето и користењето на дипфејк технологии,“ додаде таа.

Како главен заклучок од нејзината анализа, Драгановска нагласи дека е потребна нова и специјализирана правна одредба која ќе ја инкриминира употребата на сексуално експлицитни фотографии и видеа без согласност на засегнатото лице, без потреба од докажување на намерите на сторителот.

„Потребна ни е правна одредба која јасно ќе го забрани објавувањето или споделувањето на сексуално експлицитни содржини, без согласност на жртвата, а одредбата мора да се гони по службена должност за да се осигура дека ќе има ефикасно гонење на сторителите,“ заклучи таа.

Професорката по казнено право, Александра Деановска Трендафилова, се согласи дека правната регулатива за дигиталното насилство во Македонија е нецелосна, особено кога станува збор за злоупотребата на дипфејк технологијата. Таа нагласи дека е неопходно да се донесат измени во законите кои ќе ја регулираат оваа област.

„Нашата држава сè уште не доцни, бидејќи и во глобален контекст малку држави го третираат дипфејкот како посебно кривично дело. Но, потребно е да се преземат итни мерки во оваа насока, затоа што ваквата технологија претставува сериозна закана за приватноста и безбедноста на граѓаните,“ додаде Деановска Трендафилова.

Според Министерството за внатрешни работи, досега нема пријави за случаи на дигитално насилство преку дипфејк во Македонија. Сепак, експертите повикуваат на зголемена свест и превенција, особено кај помладата популација која е најчесто изложена на ваквите опасности.

Слични содржини