Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ уште еднаш потенцира дека називите на бугарските клубови не придонесуваат за добрососедските односи. Тој смета дека за нас како демократска држава е подобро да ги решаваме овие прашања низ институциите, а не преку насилство.
-Насилството не е решение и не придонесува за решавање на проблемите. По моите информациите Централниот регистар веќе постапува по некој од овие случаи. Сметам дека се потребни законски измени за додефинирање на овие прашања поврзани со дозволените називи на здруженија на граѓани. Во моментов имаме еден од најлибералните закони во Европа за здруженија и фондации. Тоа е добро, но отвора определени прашања на дефинирање на граници согласно европските конвенции. Самото отворање на било каков клуб или здружение не е проблем сам по себе, но кога ќе биде наречен по контроверзна личност, е предизвик за јавната безбедност и јавниот ред и мир. Мислам дека на ова прашање ќе работиме и ќе го дефинираме согласно праксата на други европски држави, одговори Маричиќ на новинарско прашање.
Тој истакна дека има редовна комуникација на министерствата за надворешни работи на Македонија и Бугарија и дека сите случаи се комуницираат на соодветен начин и со соодветни реакции.