Наскоро антибиотик кој ги убива супербактериите

од Milan1
35 прегледи

Наскоро ќе започнат завршните испитувања врз луѓе на антибиотикот зосурабалпин, кој е наменет за лекување на инфекции кои го загрозуваат животот, објави денес швајцарската фармацевтска компанија „Рош“.

Компанијата соопшти дека зосурабалпинот, првата класа антибиотици способна за борба против супербактерии, покажа ветувачки резултати во раните испитувања и сега ќе биде подложена на поголеми испитувања врз луѓе.

Доколку се покаже дека делува, тоа би претставувало нова алатка во борбата против „Acinetobacter baumannii“, бактерија отпорна на лекови која е причина за 50 проценти од смртните случаи кај оние кои починале од инфекцијата.

Со децении не е откриена нова класа на антибиотици, а повеќе од 50 години не е пронајден ниту еден што може да уништи „грам-негативни“ бактерии како „Acinetobacter“.

Овие видови бактерии имаат надворешна и внатрешна мембрана, што ги отежнува уништувањето, објавува „Фајненшл тајмс“.

Бидејќи микробите еволуирале за да ги избегнат постојните третмани, ова значело дека отпорноста на антибиотици се зголемила, што довело до повеќе од еден милион смртни случаи низ целиот свет секоја година и се стравува дека овој број ќе се зголеми.

Светската здравствена организација го наведе „Acinetobacter“ како приоритетен патоген за фармацевтските компании, одговорен за околу една петтина од инфекциите во единиците за интензивна нега.

Нови испитувања на зосурабалпин се закажани за подоцна оваа или почетокот на следната година и ќе вклучуваат околу 400 пациенти.

Михаел Лобриц, глобален раководител на одделот за заразни болести за швајцарската фармацевтска компанија, изјави за „Танјуг“ дека овој лек е важен и поради тоа што може да направи и поради тоа што претставува, имено затоа што ги напаѓа бактериите на нов начин.