Наскоро ќе бидеме на терен, се прават сите подготвителни постапки и ќе влеземе во реализација и со механизација да направиме увид на градежните работи, рече денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во врска за стартот на активностите за продолжување на изградбата на пругата кон Бугарија.
Министерот Бочварски истакна дека избраните изведувачи за првите две од вкупно трите делници на пругата, Куманово-Бељаковце и Бељакоце-Крива Паланка, ја мобилизираат својата механизација и стручните тимови за да влезат во реализација.
-Она што е важно и би сакал да информирам е дека веќе компаниите кои се избрани ја мобилизираат својата механизација и стручните тимови за да веќе влезат во реализација. Најавивме дека оваа есен ќе бидеме и на терен заедно со вас медиумите и граѓаните на почетокот на работите на најголемиот инфраструктирен проект во железничката инфраструктура од осамостојувањето на државата до денеска – со инвестиција од над 200 милиони евра, за поврзување на Македонија со Бугарија. Тоа е важно заради Коридорот 8 кој е многу значаен, за бизнис секторот, да им помогнеме на компаниите утре да имаат и алтернатива да за превоз на тешкиот товарен транспорт и преку железничка пруга, изјави Бочварски.