Наскоро од Дебар до Тирана ќе се патува за еден час

од Nikola Popovski
75 прегледи

Кон средината на март во употреба ќе биде пуштен тунелот Муриз, дел од автопатот „Патот на Арбр“, со што патувањето од Дебар до Тирана ќе се намали на еден час. Ова го најави вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика на Албанија, Белинда Балуку по извршениот увид во работите.

Според неа, со отворањето на тунелот ќе стане целосно функционален автопатот долг 74 километри, кој претходно беше над 180 километри.

-Не само што ќе ги доближи граѓаните на Тирана и на цела Албанија со Дебар и С.Македонија, туку ќе биде и артерија на економскиот развој и туризмот. Исто така, оваа патна оска ќе биде најкратката рута што ќе ја поврзува Тирана со Пешкопеја, како и со С.Македонија, Дебар, Тетово и Скопје, така што ќе биде меѓународен пат за поврзување, порачала Балуку.

Изградбата на тунелот Муриз започна во мај 2019 година, но процесот траеше подолго од планираното поради сложената геологија и лизгањето на земјиштето. Тунелот е долг 3,78 километри и има два дела – еден за редовен сообраќај и друг за итни случаи. Севкупно, автопатот има 7 тунели, со вкупна должина од 8,5 километри, како и 4 моста, едниот од нив, со 158 метри е највисок на Балканот.

Со пуштањето на автопатот во ноември 2021 година, значително е зголемена фреквенцијата на патници на граничниот премин „Блато“. Минатата година, според македонското МВР, регистрирани се 834.345 патници, што е за 120.086 повеќе од претходната година.

Слични содржини