На 16-годишнината од постоењето, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ започнува нова ера во хируршкиот третман на пациентите. Со набавката на најсовремениот роботски систем Toumai™, „Аџибадем Систина“ наскоро ќе воведе роботска хирургија, со што ќе стане првиот и единствен Центар за роботска хирургија во Македонија, Косово и Албанија, кој ќе овозможи ваков тип хируршки интервенции. Овој значаен чекор претставува нова можност на пациентите да им се понуди исклучително прецизна минимално инвазивна хирургија, која има голем број придобивки во целокупниот третман.
Toumai™ е современ ендоскопски хируршки робот развиен од светскиот технолошки лидер Shanghai MicroPort MedBot, кој овозможува исклучителна прецизност, стабилност и безбедност при изведување на хируршките интервенции. Роботската хирургија во „Аџибадем Систина“ ќе се применува во повеќе медицински области: дигестивна хирургија, торакална хирургија, урологија, гинекологија, како и детска хирургија. Во моментов се одвиваат континуирана едукација и обука за работа со роботска технологија на голем број хирурзи од болницата.
„Благодарение на тридимензионалната HD-визуализација, зголемената прецизност и флексибилноста на инструментите што ги надминуваат можностите на човечката рака, роботската технологија овозможува исклучително прецизна дисекција и зачувување на виталните структури. Воведувањето на роботската хирургија претставува значаен напредок и за пациентите и за хируршкиот тим. За пациентите тоа значи побезбедни операции, помала болка и побрзо враќање на секојдневните активности, додека за лекарите оваа технологија овозможува поголема прецизност, подобра контрола и изведување на сложени интервенции со минимален ризик“, изјави проф. д-р Сотир Ставрдис, уролог.
Со набавката на хируршкиот робот, болницата ќе овозможи минимално инвазивна хирургија и за педијатриските пациенти, вклучувајќи ги и новороденчињата. Интервенциите ќе ги изведува тимот детски хирурзи предводен од доц. д-р Ристо Симеонов, детски хирург, кој вели дека за него е огромен предизвик и чест што „Аџибадем Систина“ ќе овозможи врвна напредна хирургија и за најмалите пациенти.
ИСКЛУЧИТЕЛНА ПРЕЦИЗНОСТ И НАПРЕДНА ТЕХНОЛОГИЈА
Системот Toumai™ е опремен со 3D Videoscope со висока резолуција, кој овозможува јасна и природна тридимензионална слика со панорама до 100 степени. Сликата може да се зголеми и до 70 пати, што им овозможува на хирурзите детален и реалистичен приказ на најмалите крвни садови, структури и нерви. Оптичкиот систем на роботот користи и инфрацрвена технологија, која овозможува прецизно означување на туморските клетки за време на операцијата. Роботските инструменти се движат во сите оски и рамнини на просторот, целосно имитирајќи ги движењата на човечката рака, но со микроскопска прецизност. Дополнително, системот овозможува елиминација на природниот тремор на раката и обезбедува подобрена ергономија за хирургот, што придонесува за поголема стабилност, намален замор при долготрајни интервенции и уште повисоко ниво на сигурност при изведување на комплексни операции.
Со имплементацијата на роботскиот систем Toumai™, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ дополнително ја зацврстува својата позиција како лидер во воведувањето на најсовремени медицински технологии во регионот, обезбедувајќи им на пациентите врвна здравствена грижа според највисоките светски стандарди.