На кого тоа во моментов му одговара да разговараме за минимална плата? Кога нема доволно да инвестираме во инфраструктура, кога нема економијата да испорача квалитетен економски резултат, имам впечаток дека ние се фаќаме за последната сламка како давеник, а тоа е минималната плата, вели претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски во интервју за РСЕ.
Во ваква економска состојба, продолжува тој, каде што веќе нагласивме дека нивото на економски развој ни е пониско од претпандемиското, да влеземе во зголемување на минималната плата е „обратнопропорционално и навистина е надвор од целокупната економска логика“.
– Мислам дека тоа ќе биде дополнителен товар на стопанството кој ќе предизвика огромен проблеми и сигурно намалување на вработеноста, изјави Ангелоски.