Министерката за образование и наука Мила Царовска уверува дека состојбата во училиштата е стабилна.
Процентот на новозаразени во училиштата вчера бил 0,01, како и во двата дена претходно, а од 1 септември досега вкупните случаи не надминувааат 0,2 отсто.
-Доколку Комисијата за заразни болести заради различни аспекти, или националната состојба со пандемијата предложи друг систем, ние сме спремни да го примениме. Но, посочувам дека е многу значајно училиштата последни да се затворат и први да се отворат. Ова не е само паушална изјава која ја посочувам како министерка, туку тоа е став на меѓународните организации коишто се грижат за квалитетот на образование во сите држави во развој, вели Царовска.
На секои 15 дена таа има директна комуникација и коодинација со директорите на сите училиштата. За доследноста во примената на протоколите и дали некаде се почитуваат помалку, рече Царовска, надлежен е Државниот здравствен и санитарен инспекторат и инспекторите на терен.
-Досега се посетени повеќе од 60 проценти од училиштата од ДЗСИ и има минимални пречекорувања на почитување на протоколите во една општина и посочувања дека во некои училишта се уште тековно се гради и затоа се на онлајн-настава. Тоа се забелешките во извештаите што ги добиваме, рече Царовска при посетата на ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Карпош. За одговори за која општина и училишта се работи упати во Инспекторатот затоа што МОН, рече, не е надлежно за санитарниот аспект.
Според неа, посочување општини, училишта, наставници и ученици е покажување со прст со кое и не сакајќи може да се предизвика дискриминација, насилство или мобинг и тоа е спротивно на принципот за заштита на личните податоци.