Наставата во основните училиштa во Аеродром отсега секој понеделник ќе започнува со интонирање на македонската химна, затоа што почитта и љубовта кон татковината се градат од најмала возраст, информира градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
На својата Фејсбук страница, градоначалникот објави и видео од интонирањето на химната.
„Станува збор за иницијатива преку која изразуваме искрена почит кон татковината и со која имаме цел да го подигнеме националното чувство и љубовта на дечињата кон Македонија, но и ќе ги охрабриме да учат за македонската култура и традиција“, напиша Муцунски под видеото од едно од основните училишта во Аеродром.
Според видеото, учениците построени, во униформи застанале под македонското знаме во дворот и мирно ја слушале македонската химна.
Слична ваква пракса во Аеродром имаше и во 2015 година, кога градоначалник на општината беше Ивица Коневски, исто така од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш деца од осумте деветолетки секој ден пред почетокот на наставата ја слушаа националната химна. Од локалната самоуправа тогаш објаснија дека ваквата одлука е донесена бидејќи предизвикала воодушевување кај мнозинството од родителите и децата.