ОВР Кавадарци, до ОЈО Кавадарци, поднесе кривична пријава против В.Т.(47) и М.Т.(52), двете од Кавадарци, поради постоење основи за сомнение за сторени кривични дела „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ по член 251 и „злоупотреба на лични податоци“ по член 149 од Кривичниот законик, информираат денеска во Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Имено, В.Т., вработена како наставник во училиште во Кавадарци, прво на 4 септември, во една од училниците, на службен лаптоп компјутер го затекнала отворен приватниот профил на социјална мрежа на нејзина колешка и неовластено фотографирала приватни разговори, со цел да ги пренесе на М.Т., директорката на училиштето. В.Т. ја пронашла и лозинката од профилот на оштетената, по што на 5 септември и на 7 септември, повторно неовластено фотографирала лични пораки и ги дала на М.Т., која пак, ги праќала на други колеги“, наведено е во соопштението.
На 19 септември, како што се додава, на наставнички совет што се одржал во училиштето, откако оштетената укажала дека непознато лице фотографирало нејзини приватни разговори кои се пратени до други лица, М.Т. ѝ се заканила дека ако пријави, сите пораки што ги поседува ќе ги испратела до други колеги.