Наставниците го поздравуваат интонирањето на државната химна во училиштата: „На младите да им даваме позитивни примери и да градиме меѓусебна поврзаност без разлика од каква етничка група доаѓаат“

од Nikola Popovski
774 прегледи

Во став мирно, со училишни униформи и интонирање на државата химна, секој понеделник ќе започнува наставата во основните училишта во Аеродром. Ова вчера го најави првиот човек на општината Тимчо Муцунски. Според него, почитта и љубовта кон татковината се градат од најмала возраст, па оттаму е донесена ваквата одлука за, како што вели, подигнување на националното чувство и љубовта на дечињата кон Македонија. Слична ваква пракса во Аеродром имаше и во 2015 година, кога градоначалник на општината беше Ивица Коневски, исто така од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш деца од осумте деветолетки секој ден пред почетокот на наставата ја слушаа националната химна. Од локалната самоуправа тогаш објаснија дека ваквата одлука е донесена бидејќи предизвикала воодушевување кај мнозинството од родителите и децата.

 

Какво е мислењето на просветниот кадар и експертите околу ваквата пракса? Најголемиот дел од реакциите се позитивни. Професорката по психологија, м-р Николина Ивановска Котевска во разговор за „Локално“ ја поздравува одлуката.

Според неа, љубовта кон татковината е силно чувство кое се манифестира преку нашата индивидуална приврзаност со македонската култура, традиција, обичаи.

-Како и чувството на самите емоциите кои ги доживуваме при интонирањето на македонската химна. Затоа сметам дека во ова време каде чувството за припадност и љубов кон татковината е навистина загрозено оваа иницијатива е добар пример за тоа како децата од мали имаат можност да ја создаваат таа поврзаност со својата татковина, оценува соговорничката.

Ивановска-Котевска ги поттикнува и останатите кои се дел од образованието да поттикнуваат активности преку кои децата ќе се запознаваат со културата и обичаите на само на македонскиот народ, туку и на сите останати народи кои се дел од Македонија.

Со сличен став е и наставникот Томислав Гиевски. Во куса изјава за „Локално“ истакна дека ваков пример е присутен во многу држави и е корисен за градење на националната свест и намалување на корупцијата во државата.

Старо-новата пракса ја поздравија и дел од психолозите. Психологот и гешталт психотерапевт Радмила Манчевска за „Локално“ истакна дека вака се засилува врската меѓу младите и нивната држава.

-Сметам дека е корисно и за поздравување бидејќи со тоа се создаваат услови да се зајакне националното чувство и поврзаноста и почитта кон нашата земја. На младите луѓе е потребно да им даваме позитивни примери и да градиме меѓусебна поврзаност без разлика од каква етничка група доаѓаат, порача таа.

Кога се интонира националната химна?

Според, членот 26 од Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија, се регулира во кои прилики се изведува државната химна:

„Химната на Република Македонија може да се изведува на прослави, политички собири, паради и други свечени манифестации со кои официјално се одбележуваат настани од значење за единиците на вооружените сили на Република Македонија и за граѓаните на Република Македонија, при меѓународни средби, натпревари и други собири (политички, научни, културно-уметнички, спортски и други) на кои Република Македонија официјално учествува или е презентирана, во согласност со правилата и практиката на одржувањето на тие собири, на погреб на заслужни личности кои се граѓани на Република Македонија кога од страна на Република Македонија им се укажува посебна почест и во други случаи, ако нејзината употреба не е во спротивност со одредбите на овој закон“.

Употребата на химната во конкретниот случај може да се вброи единствено во последниот дел дека нејзината употреба е во „други случаи“, бидејќи почнувањето на работната недела за основците не може да се категоризира во ниту една од законски предвидените можности. На истото место во членовите од 13 до 24 може да се провери и можноста за употреба на знамето на РМ.

Примери од регионот и светот

Од 2021 година, српското Министерство за образование соопшти дека првиот ден во училиштата во Србија ќе почне со интонирање на националната химна „Bože pravde“. Доколку училиштето нема разглас, химната треба да се пушти во секоја училница преку музички уред, компјутер или телефон.

Од оваа година албанската Влада донесе одлука наставата секој понеделник да започнува со пеење на националната химна. „И со химната на знамето што ја пеат сите ученици денеска, на денот на 555-годишнината од смртта на нашиот народен херој, Ѓерѓ Кастриот Скендербег, како и со одлука химната да се пее на овој начин во секое училиште, на почеток на секоја нова наставна недела, ви посакувам убав ден“, соопштија на почетокот на 2023 година од тамошното Министерство за образование.

Од ланската година, дел од учениците во руската област Вороњеж од понеделник ги започнуваат деновите со кревање на руското знаме. Властите во регионот Калуга најавија слична иницијатива. „Знамето на Русија ќе биде кренато во Калуга во понеделник, на 18 април, во училиштето број 45 пред да започне наставата, а за тоа време ќе се свири и националната химна“, најавил уште тогаш гувернерот на областа Калуга, Владислав Шапша.

Н.П.

Слични содржини