Наставникот одлучува дали треба да се користат мобилни телефони на час

од Nikola Popovski
30 прегледи

Министеркат за образование и наука, Весна Јаневска смета дека учениците ќе бидат повеќе фокусирани на знаењето кога кај нив не се присутни мобилните телефони, но на прашањето дали треба да се забранат таа вели дека одлуката ќе ја носат општините.

Таа додаде дека училиштата се под ингеренции на општините и тие заедно со директорите на училиштата заеднички ја носат таа одлука.

„Во овој момент ќе видиме дали одземањето на мобилните телефони дава резултати, ќе се направи анализа. Но, секако, во ова денешно време може да има и потреба од употреба на такви уреди и при наставата. Па, оттука, наставникот, кој е носител на образовната дејност, ќе одлучи дали децата во тој момент ќе ги користат или нема да ги користат“, рече Јаневска.

Ваквата нејзина изјава следува откако скопските општини Аеродром и Центар дадоа препораки до сите основни училишта да не ги поседуваат кај себе и да не ги користат мобилните телефони за време на наставата. Двете општини посочуваат дека препораките се во насока и на истражувањата спроведени од страна на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), од каде во јули 2023 година укажаа на негативните ефекти од употребата на паметни телефони врз процесот на учење.

На ниво на ЕУ нема универзални правила за користење на телефоните во на училиште. Во Грција, на пример, учениците треба да ги чуваат своите мобилни во ранците, а користењето е забрането дури и на одморите. За непочитување на правилото се добива суспензија од еден ден.

Телефоните може да се користат во училниците во Холандија само ако се неопходни за содржината на наставата, на пример, кога се изучуваат социјални вештини, ако им се потребни на учениците поради медицински причини или за лицата со посебни потреби.

Државниот училиштен совет на Шпанија, пак, во јануари едногласно одобри забрана за употреба на мобилните телефони во основните училишта и го ограничи нивното користење во средните.

Слични содржини