Настел ги отфрли обвинувањата за комплексот во градба „Настел Тафталиџе“

од Vladimir Zorba
220 прегледи

Градежната компанија Настел ДОО Скопје денеска ги отфрли сите обвинувања во медиумите за комплексот во градба „Настел Тафталиџе“.

133287572

Претставникот на основачот Зоран Азманов на денешната прес-конференција информира дека ДУП-от е донесен во законски предвидена постапка и додаде оти од имотно-правен аспект не постои никаква законска пречка за градење, односно имотно-правните односи се 100 отсто чисти. Појасни дека вкупно ќе има 450, а не 1.000 станови.

Осврнувајќи се на еколошкиот аспект, Азманов рече дека се што се вградува во објектот е од реномирани светски брендови, со најдолги гаранции, со сертификати за квалитет.

– Ова ќе биде прв објект во Македонија кој ќе се грее од обновливи извори на енергија и скоро еколошки пасивен. Со топлински пумпи ќе се црпи енергијата од под земја, од вода, ќе се претвора во топлинска енергија која ќе ги загрева и лади становите, рече Азманов.

Паркирањето е решено во сопствена парцела, со подземно паркирање, а има и катна гаража со 500 паркинг-места за сите посетители.

Азманов истакна дека од урбанистички аспект градбата се врши согласно ГУП-от и ДУП-от.

Тој информира дека за комплексот од страна на Лилјана Поповска од ДОМ се изнесени невистини и клевети за, како што рече, добивање политички поени.

– Прво ќе оставиме Лилјана Поповска да се извини за сите лаги и невистини кои ги има изнесено. Сметаме дека тоа ќе го направи. Ако не го направи, ние ќе бидеме приморани да почнеме соодветни судски постапки, рече Азманов.

Ја повика Поповска на дебата на кој било медиум за, како што рече, да ги расчистат работите во интерес на граѓаните и да ја кажат вистината.

Пред десетина дена ДОМ преку соопштение обвини дека во населбата Тафталиџе 1 ќе се гради урбанистички и, како што беше наведено, еколошки монструм со име „Настел Тафталиџе“.

  1. – „Настел Тафталиџе“ е проблематичен од повеќе аспекти – процедурален, имотно-правен, еколошки и урбанистички“, беше наведено во соопштението на ДОМ.