НАТО денеска потпиша договор вреден 1,2 милијарди долари за изработка на муниција за надополнување на намалените резерви во земјите-членки на Алијансата кои ѝ помагаат на Украина.
Договорена е набавка на 220.000 гранати од хаубицката муниција со калибар 155 милиметри, што е најбараната артилериска граната, како што наведува НАТО.
„Ова е важно за да ја одбраниме сопствената територија, да изградиме сопствени резерви, но и да продолжиме да ја поддржуваме Украина. Не можеме да дозволиме претседателот Путин да победи во Украина. Тоа би било трагедија за Украинците и опасно за сите нас“, изјави за новинарите генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Според проценките на Европската унија, Украина истрелувала од 4.000 до 7.000 артилериски гранати секој ден минатото лето, а Русија повеќе од 20.000. Наменската руска индустрија далеку ја надминува Украина, па на Киев му треба помош за да се одбрани.
Сепак, новите гранати нема да пристигнат брзо. Според НАТО, испораката ќе пристигне за 24 до 36 месеци.