НАТО најави најголема промена во воените планови од Студената војна за одбрана од Русија

од Stefanija Kuzmanovska
522 прегледи

Руските вооружени сили се помодрени, но не случајно поразени во војната во Украина, изјави денеска претседателот на Воениот комитет на НАТО, Роб Бауер и најави најголема промена во воените планови на алијансата од Студената војна, во случај Москва да се осмели да го прошири конфликтот.

„Можеби не се високи три метри, но сигурно не се високи ниту половина метар. Затоа, никогаш не треба да ги потценуваме Русите и нивната способност да се опорават“, изјави Бауер за новинарите во Брисел.

Се очекува водачите на НАТО да поддржат голема ревизија на системот за планирање на алијансата на самитот во литванскиот главен град Вилнус на 11 и 12 јули.

НАТО како организација не испорачува оружје и муниција на Украина. НАТО се обидува да избегне да биде вовлечен во поширока војна со нуклеарно вооружената Русија, а во исто време значително да ја зајакне безбедноста на своите членки во близина на Русија, Украина и Белорусија.

Околу 40.000 војници се во подготвеност од Естонија на север до Романија на Црното Море. На тоа подрачје секојдневно полетуваат околу 100 авиони на НАТО, а во Балтичкото и Средоземното Море оперираат вкупно 27 воени бродови.

Целта на новите планови на НАТО е да има до 300.000 војници подготвени да се префрлат во источното крило на алијансата во рок од 30 дена. Плановите ја делат територијата на НАТО на три зони, крајниот север и Атлантикот, зона северно од Алпите и друга во јужна Европа.

Бауер рече дека новото планирање на НАТО се заснова на силата на руската војска пред рускиот претседател Владимир Путин да започне војна против Украина во февруари минатата година. Официјален претставник на НАТО рече дека војната ја исцрпила руската армија, но не и нејзината морнарица или воздухопловство.

„Она што генерално го гледаме е дека Русите се претпазливи во однос на НАТО. Тие не се за барање конфликт со НАТО. Мислам дека тоа е знак дека тие се многу, многу зафатени. Во доменот на копно, мислам дека немаат многу сили на располагање да направат нешто на некој друг“, рече Бауер.

Сепак, тој изрази уверување дека Русите ќе закрепнат и додаде дека НАТО „ќе продолжи да ги гледа како сериозна закана“.

Слични содржини